Специјално признание „Стефан Сидовски – Сидо“

Во чест на професорот Стефан Сидовски, во годината по неговата смрт а за време на своето десетто издание, Филозофскиот Филмски Фестивал востанови Специјално признание со неговото име. Со мали измени и прилагодувања за потребите на оваа страница, во прилог ја преобјавуваме веста – првпат објавена на страницата на фестивалот на 29 јуни 2020 година – во која се откриваат причините зад одлуката на организаторите да го воведат признанието „Стефан Сидовски – Сидо“, како и името на нејзиниот прв добитник, германската режисерка Софи Линенбаум:

Десеттото роденденско и хибридно издание на Филозофскиот Филмски Фестивал е посветено на нашиот професор, член на Организацискиот одбор на Фестивалот до минатата година и негов пријател од самиот почеток, проф. д-р Стефан Сидовски. Човекот кој се наоѓа токму на изворот на оваа синергија на филозофијата и филмот во Македонија и чиешто дело се надеваме дека ќе инспирира и други млади автори, од двете области, во иднина да зачекорат по неговите стапки и да продолжат да ги градат мостовите помеѓу филмот и филозофијата. Професорот го носи звањето „Мајстор на аматерскиот филм“, највисоката титула што ја доделува Кино сојузот на Македонија, и е првиот човек во нашата земја кој академски ја истражува областа на филм-филозофијата, преку неговиот магистерски труд Естетската суштина на филмскиот кадар (1995) и докторската теза Естетиката и дијалектиката во монтажата на филмот (2001).

Оваа година, покрај онлајн прикажувањето на првиот професионален филм на професорот, Образ, во рамките на Пролетните онлајн миграции, Фестивалот за прв пат востанови Специјално признание „Стефан Сидовски – Сидо“ во Официјалната селекција на краткометражни филмови, чиј прв добитник оваа година е германската режисерка Софи Линенбаум (Sophie Linnenbaum) со краткиот филм Розово ветување (Pinky Promise / Das Mensch). Софи ќе ја добие плакетата „Стефан Сидовски – Сидо“, изработена според фотографија на македонскиот фотограф Сашо Н. Алушевски. Истовремено, по иницијатива на македонската уметница Соња Чингарова Фотева, ученичка од првата генерација во СУГС „Раде Јовчевски – Корчагин“ на која професорот Сидовски е класен раководител, како подарок ќе ја добие и уметничката слика, „Лавиринт во поле од црн афион 2“ (2019 год., 70×70 cm) од изложбата Мандала Милци. Фотева секоја година во рамките на оваа награда ќе доделува уметничка слика, а повеќе за изложбата можете да пронајдете на следниов линк.

Софи Линенбаум (Sophie Linnenbaum) е родена во Нирнберг и ги завршува своите студии во областа на психологијата. Нејзините кратки филмови се прикажувани на национални и интернационални фестивали, како наградуваниот [Out of Fra]me (2016) или Duologue (2016) кој беше премиерно прикажан на Берлинскиот филмски фестивал а потоа беше и на Канскиот филмски фестивал во 2017. Нејзиниот краток филм Pix беше награден со Германската награда за краткометражен филм 2017. Линенбаум студира режија на Универзитетот во Бабелсберг (Film University Babelsberg).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to Top