Категорија: Сценарија (1964-1974) (тетратки)
Уште додека беше жив, покрај своите аматерски филмови, Сидо депонираше и голем број авторски текстови врзани со филмот и сопственото филмско творештво во Кинотеката на Македонија. Едновремено, знаеме и дека дел од неговите сценарија, низ годините и децениите, се повремено препишувани и дигитализирани од негови поранешни ученици. Оттука, не е воопшто чудно што најдовме само една тетратка со сценарија во неговата оставина. Истата содржи деветнаесет сценарија, сите од најраната кариера на Сидо – приближно половина своевремено и снимени и уште половина што веројатно никогаш не биле пренесени на филмска лента. Очигледно е, поради распоредот на сценаријата во тетратката, дека ниту едно од нив не е изворно запишано во неа, односно дека тетратката е компилација и препис на претходно напишани сценарија. Можеби тоа е причината зошто не била доставена заедно со останатите записи во Кинотека, зашто стоеше на релативно видливо место. А можеби е и нешто полично или сосема тривијално. И во едниот и во другиот случај, тешко дека некогаш ќе можеме да ја напуштиме сферата на претпоставките. За редактирани преписи на сценаријата, кликнете овде.