Ратомир Цениќ, „Тоа што не можам да го кажам јавно – го кажувам преку филмот“

На денот на поставувањето плочка со името на Сидо во Кинотеката (25 септември 2019), активистичкото списание „Лице в лице“ објави два носталгично-трогателни осврти кон ликот и делото на професорот: „За Сидо, со ’c‘ co cè“ на Никола Стиков и „Тоа што не можам да го кажам јавно – го кажувам преку филмот“ на Ратомир Цениќ. Вториов го преобјавуваме подолу во целост, со сосема ситни интерпукциско-структурни измени:

За мене, како и за многумина, Сидо беше омилениот професор од „Корчагин“. Човек што изврши големо влијание врз колективната свест на триесет и пет генерации ученици, кои поминаа низ клупите од оваа позната гимназија. На среќа и заемно задоволство, судбината ни ги вкрсти животните патишта, па Сидо стана мој драг соработник. Кога првпат се појави во просториите на „Партес продукција“ со снимениот материјал за аматерски филм, кој се договоривме да го измонтирам, со себе ја донесе книгата на снимање, во која педантно, во детали, беше разработена идејата, а материјалот, иако сниман во SD DV техника, содржеше само искористливи кадри од кои брзо и лесно можеше да се склопи целината. Тоа беше мојот прв контакт со мајсторот на аматерскиот филм, човекот што дотогаш го перципирав како импресивниот професор од „Корчагин“.

За разлика од режисерите што талкаа по снимениот материјал за да ја пронајдат и интегрираат идејата, Сидо знаеше што сака. На мојата пофалба дека нема непотребен материјал и дека треба да служи за пример, ми одговори: „Јас почнав да работам со филмска лента, па навиката остана…“ Оттогаш почна нашата соработка, која траеше сѐ до неговата смрт. Одлично се разбиравме, се договаравме брзо и прецизно. Сидо ги разработуваше идеите, заедно ги вршевме снимањата, а потоа самостојно, врз основа на книгата на снимање ги монтирав филмовите. Сидо најчесто немаше забелешки. Имаше обичај да каже дека е како режисерот Џон Форд, врз основа на чијашто книга на снимање монтажерите можеле да работат самостојно, а по завршената работа ќе ми подадеше рака, ќе кажеше „честитам, завршивме уште една работа“ и, задоволен од брзината и од експедитивноста на реализацијата на идеите, ќе додадеше: „Ратомир, не си ти за тука, треба да работиш за странство…“ Филмот ќе беше финализиран, а книгата за снимање напишана на рака ќе ја сочувував за да можам да им покажам на студентите по режија на кои им предавав што значи темелен пристап кон филмското дело. Потоа следуваше дискусија, слична на таа од корчагинските клупи, за сѐ и сешто, која продолжуваше без крај. Се сеќавам дека еднаш го потсетив на една негова постапка, која не можам да ја заборавам цел живот.

На крајот на годината требаше да правиме тест по марксизам, од кој зависеше крајната оценка по овој предмет. Сидо застана пред таблата, ги запиша прашањата, чиишто одговори се наоѓаа во учебниците што ги имавме и ни кажа: „Дискутиравме често за слободата, дали таа треба да му се даде во целост на човекот и дали тој ја заслужува целосната слобода. Ова се прашањата, јас ќе ја напуштам училницата и ви давам слобода да го решите тестот. Решете сами…“ Сидо ја напушти училницата, а ние останавме „слободни“ и збунети. Тие четириесет и пет минути за мене не беа само тест по марксизам. Тие беа тест на личноста, самосвеста, самодисциплината и посветеноста. Поголемиот дел од моите соученици не ја злоупотребија слободата што им беше дадена. Еден фрлен поглед кон нив за мене беше доволен да здобијам мислење за нивниот карактер што до денешен ден не го менувам. Кога го потсетив на ова, тој само се насмевна и ми кажа: „Се трудев да ве натерам да размислувате со сопствената глава.“

Соработката со Сидо на продукција на неговите непрофесионални филмови, кои се направени без никаков буџет ниту заработка, од чист ентузијазам, со техника што ја имавме на располагање, не беше само снимање и монтажа на филм. Таа беше продолжување на одамна почнатите дискусии и континуирана животна надградба, која професорот ја пренесе и врз моите наследници од кои еден заврши како еден од најдобрите во својата генерација во гимназијата „Корчагин“. Со Сидо можевте да дискутирате на која било тема. Знаеше да сослуша и да се надоврзе на дискусијата и скромно, ненаметливо но темелно да ги пласира фактите. Секој негов збор имаше тежина и не беше напразно изговорен. Филмовите што ги работевме со Сидо беа неговиот начин на израз на сопствениот став во однос на конкретни прашања. „Тоа што не можам да го кажам јавно го кажувам преку филмот,“ имаше обичај да каже, а „аматеризмот“ го сфаќаше како посветеност и работа од љубов. Темите во филмовите еволуираа, од општествено ангажирани до универзални и филозофски.

При подготовките за снимањето на последниот филм разговаравме за вештачката интелегенција, можностите за машинско учење и за роботиката. Неговиот интерес беше насочен кон иднината на човештвото. Последниот наш филм Последното кафе го снимивме на 15 март годинава, со постар фотоапарат, кој имаше можност за снимање HD видео со 20 фрема во секунда, мал статив и користење амбиентална светлина без никакви интервенции. Сидо глумеше, јас го снимав додека околу нас се одвиваа вообичаените активности на вработените во кафулето. Кога ја виде првата измонтирана верзија, ми кажа: „Восхитен сум, треба да го дадеме филмот на фестивалот ’Браќа Манаки‘“. Кога се сретнавме за последен пат, на поминување од возилото му го предадов филмот на професорот, а тој кратко ми кажа дека има во план посериозен проект за кој би требало да разговараме. Додека заминував низ ретровизорот го погледнав за последен пат. Со дивидијата в раце ми заличи на дете што зрачи од среќа и се радува на посакуваната играчка. Тогаш помислив: колкава животна енергија, колкава радост… Следната негова слика што ја видов беше фрем од филмот „Последното кафе“ и написот „Почина култниот професор по филозофија Стефан Сидовски“.


Ратомир Цениќ е дипломиран електроинженер и магистер по филмска и ТВ-режија. Поранешен ученик на Сидо, тој е и негов чест соработник, јавувајќи се како камерман, монтажер и постпродуцент на многу од неговите аматерски филмови. И самиот е режисер на неколку, вклучително и еден документарен филм за Драгомир Шојиќ.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to Top