Категорија: Филмови
Според неговата биографија на страницата на Кинотеката на Македонија, Сидо се занимава со аматерски филм од својата деветнаесетта година. Веќе на дваесет и една година, во 1967-ма, станува член на скопскиот киноклуб „Камера 300“, а осум години подоцна на „Академскиот киноклуб“. Во меѓувреме, има и еден неуспешен обид да се запише на Белградската филмска академија. Во подоцнежните години, покрај тоа што станува првиот човек во нашата историја кој академски го истражува соодносот филм-философија, овенчан е и со признанието „Мајстор на аматерскиот филм” – највисоката титула што ја доделува Киносојузот на Македонија.
Низ својата полувековна филмска кариера, Сидо има снимено стотина кратки аматерски филмови и еден професионален, Образ (2011). Со многу од своите филмови учествувал на меѓуклупски и меѓународни фестивали на кои има освоено и десетина награди:
-
-
- 1968: Златна плакета за најдобар игран филм на Сојузниот фестивал во Панчево за Најден дом (1968).
- 1975: Златна плакета за игран филм на Сојузниот фестивал во Нови Сад за Еден ден од дневникот на… (1974).
- 1977: Гран-при на Меѓуклупскиот фестивал НАИСУС во Ниш за Копнеж (1976).
- 1984: Златна плакета за игран филм на Сојузниот фестивал во Нови Сад и Златни плакети за филм и за режија на Републичкиот фестивал во Гевгелија за Последни слики од мојот училиштен живот (1984).
- 1990: Гран-при на Сојузниот фестивал во Куманово и Златни плакети за филм, сценарио и режија на Републичкиот фестивал во Скопје за играно-експерименталниот филм Заштита на културните споменици во градскиот парк (1990).
- 1995: Гран-при на Меѓународниот фестивал на документарен филм “Браќа Манаки“ за Напуштени воденици (1978).
- 1994: Гран-при и Златна плакета за режија на Републичкиот фестивал во Неготино за седумминутниот Бивш социјалистички и сегашен капиталистички клошар (1994);
- 1998: Златни плакети за филм и режија на Републичкиот фестивал во Штип за Пат кон оазата (1997).
-
Овде се достапни 70 од 93-те филма на Сидо чии наслови досега ни се познати; ни се чини изгледно дека има и повеќе и неизгледно дека некогаш ќе ги собереме сите; па, сепак, се надеваме дека во некоја блиска иднина ќе смениме барем некоја цифра и во едната и во другата погоренаведена бројка. Од оние што ги знаеме, недостасуваат речиси исклучиво раните филмови на Сидо (оние пред 1973 година); од добар дел од нив сценаријата може да се прочитаат овде.
Да забележиме овде уште и дека година дена по смртта на Сидо, Филозофскиот Филмски Фестивал востанови Специјално признание со неговото име во Официјалната селекција на краткометражни филмови; негов прв добитник беше германската режисерка Софи Линенбаум.