Сидо засекогаш си доби место во киносалата на Кинотека

Следнава репортажа по повод поставувањето плочка со името на Сидо во Кинотеката на Македонија е на Емилија Петреска и е напишана за веб-страницата на непрофитната организација Радио МОФ, каде и е првпат објавена во раните утрински часови на 26 септември 2019. Ја преобјавуваме овде во целост, со сосема ситни интервенции во имињата на двајца од учесниците:

Седиште број 1, ред 5, во киносалата на Кинотека во Скопје доби плочка со името на Стефан Сидовски Сидо. Ова беше омиленото место на еден од најдрагите професори по философија и филм кој почина годинава.

Нему Киносојузот на Македонија му ја додели највисоката титула – Мајстор на аматерскиот филм, а за неговите ученици, пак, тој ќе остане професорот кој ги научил да размислуваaт и да останат љубопитни.

На вечерашната комеморација во Кинотеката се собраа филмски соработници на Сидо, претставници на фамилијата и негови пријатели. Секој со збор-два за неговиот лик.

Ѓорѓи Јаневски од „Канал 103“ се поистовети со љубовта на Сидо кон филмовите и се потсети на деновите кога како мал бегал од часови за да оди во кино. Упати апел до Кинотека да се отвори дискусија за творештвото на Сидо, за кое според него многумина не знаат колку всушност е големо, но и да се дигитализираат неговите стари филмови.

Столчето со името на Сидо

Посочувајќи кон празното столче во публиката рече: „Се надевам дека некој ќе седне на неговото место. Да не биде празно, да седне некој што утре ќе прави филмови“.

Викторија Марковска во име на фамилијата ја претстави другата страна на Сидо. Според неа, тој бил самостоен и скромен, но храбро се посветил на работата и едукацијата.

„Иако имаше неуспешни обиди за упис на Академијата за уметност во Белград тој никогаш не се одалечи од филмот. Со стручна литература ја потхрануваше својата жед за знаење. Дури една третина од неговиот дом е исполнета со литература што ја собирал од младоста.

Викторија Марковска

Многумина мислеа дека Стефче е сам, дека нема свои блиски роднини, но иако целиот свој живот го посвети на работата, тој никогаш не се искорени од роднините, беше присутен на пријатните и непријатните настани во семејството. Ние, пак, роднините го почитувавме неговиот животен стил и бевме во тек со неговите активности, успеси и творештва и секогаш се радувавме за него

Тој водеше здрав живот, духовен и телесен. Ги почитуваше своите навики и традиција, но и на другите. За него ниедна тема не беше табу. На околината и природата гледаше со голема љубопитност. Стефче на многумина ни го греееше срцето и ни ги бистреше мислите“, се обрати Марковска пред насобраните.

Таа посочи дека неговите материјали се оставени на идните генерации да уживаат и да се едуцираат од нив.

Неговиот близок пријател и соработник, Слободан Беличански го опиша Сидо каков што повеќето го познаваа.

„Овој скромен и ненаметлив професор со исклучителна љубов кон младите луѓе никогаш не им робуваше на богот на парите и богот на славата. Најчесто го гледавме опкружен од искрената љубов и признателна почит на неговите бројни ученици и студенти. При секоја средба со нив, и воопшто со луѓето, Сидовски го палеше дебатното жарче што го носеше во срцето и го будеше мислечкото кај секој од нив. Тоа беше редовна појава“, рече тој.

Сидо и учениците

Беличански потсети дека според Сидо, задачата на философијата е постојано и неуморно да се поставуваат нови прашања и да се трага по нови одговори.

Од годинава, една од наградите кои ќе се доделуваат на Фестивалот на аматерски докумeнтaрен филм „Камера 300“ ќе го носи името на Сидовски, соопшти Стефче Хаџиантоновски, претседател на Кино Клубот „Милтон Манаки“ во Битола. Наградата со неговото име ќе се доделува на аматерските филмови со најдобра идеја, покрај веќе постоечката награда „Драги Савевски“.

Во киносалата вечерва се прикажуваа и неколку филмови на Сидо, како и краткиот документарен филм на Тамара Котевска, насловен по него, нејзин испитен филм по предметот Филмска и ТВ-режија на ФДУ.

Во него тој ќе каже: „Ни треба нов свет. Во овој, единствена светла точка е уметноста“.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to Top