Категорија: Мисли за размислување (1965-2012) (тетратки)
Под обединувачкиот назив Мисли за размислување, Сидо завел 92 тетратки пишувани во периодот од 1965-та до 2012-та година и дистингвирани една од друга со римска нумерација што се движи до CX. Дискрепанцата меѓу овој и арапскиот број не е последица на изгубени или ненајдени тетратки, туку на неколку авторски превиди направени во текот на хронологизирањето (за кои можете повеќе да прочитате овде). Почнати како кратки, попатни белешки на неврзани теми на работ на адолесценцијата, Мислите за размислување стануваат главен пишувачки фокус на Сидо некаде околу неговата четириесетта година и не стануваат ништо помалку сè до шеесеттата. Во овој дводецениски период се напишани најголем дел од 12.000-те страници во овој циклус кои содржат над 10.000 афоризми кои, пак, покрај стилот, ги обединува и потиштеното признание за немоќта на умот да ги размислува и реши најгорливите прашања и проблеми на животот и меѓучовечките односи. Пооптимистичните веројатно би можеле да откријат и прикриена надеж во вербата на Сидо дека уметноста – бидејќи необврзана да ги промислува овие прашања и проблеми на рационален начин како науката и философијата – секогаш ќе овозможува, низ самиот творечки чин, нешто што не може ниту една друга сфера на човековата активност: бегство во потполна и апсолутна слобода. Ако сакате да прочитате редактирани преписи на дел од белешките заведени под овој наслов, кликнете овде.