Се одлучив за љубовта… Така ќе има повеќе смисла. И Смртта. И животот.
— запис најден во една од тетратките на Сидо
RAISON D’ÊTRE
По смртта на Стефан Сидовски-Сидо – долгогодишен, многупочитуван и искрено сакан професор по философија и филм – во неговиот дом беа пронајдени двесте четириесет и две целосно испишани тетратки од различен формат, чиј вкупен број на страници, во ракопис, не е помал од триесет и пет илјади; од желбата истите прерано да не му припаднат на неизбежниот заборав – а со тоа да биде и неправедно обесмислен повеќедецениски интроспективен напор на една исклучителна личност – се роди идејата за оваа веб-страница.
Замислена како сеопфатна дигитална архива, истата содржи и дел од објавените текстови на Сидо, речиси сите негови аматерски филмови (како и неговиот единствен професионален филм, Образ), неколку интервјуа и излагања по различни поводи и сосема мал избор од туѓи сведоштва и спомени за неговиот живот и дело. Од досега откриените ракописи, овде се споделени сите тетратки освен дводецениските Дневници (од кои, во догледна иднина и од почит кон сè уште живите, ќе бидат објавувани само селектирани и делумно редактирани преписи) и еден шеснаесеттомен тематски циклус афористички размисли за филмот за кого можеме да бидеме сигурни дека Сидо имал намера да го уреди и отпечати како книга (за што и дискутирал, во месеците непосредно пред својата смрт, со Лазар Фотев, сопственикот и основач на издавачката куќа „Аз-буки“). Од она што го знаеме засега, ова е еден од одвај неколкуте разговори во кои Сидо го споделил со некого постоењето на овие тетратки.
Од останатите десетина – барем со онаа веројатност што може да ја понудат верливите сведоштва – го знаеме и следново:
-
- Огромен дел од тетратките не биле пишувани со намера некогаш да се објаваат, за што постојат немал број траги и низ нивните страници. Нивната главна – а во одредени циклуси, и единствена – цел била самоподобрување низ искрена интроспекција. „Имав скромна намера да ја следам еволуцијата на сопствената мисла и да не ги повторувам истите грешки,“ има речено Сидо во една релевантна дискусија, појаснувајќи зошто никогаш не објавил ниту еден од сопствените записи.
- По надворешна иницијатива на негови поранешни ученици, непосредно пред смртта на Сидо, почната е постапка на исчитување и уредување на еден дел од ракописите (Мислите за размислување) со намера конечната селекција, одобрена и проверена од професорот, да биде објавена во вид на монографија. Во текот на овие дискусии, зборувано е и за превод и коренита редакција на една „песна-медитација“ од факултетските денови („За ()“, изворно напишана на српскохрватски), како и за вклучување, во конечниот избор, на некои делови од доцните есеи на Сидо, овде групирани под насловот Тематски размисли. Во ниту еден момент од неколкуте дискусии и средби по овој повод, и покрај неколкуте можности за такво нешто, Сидо го нема обзнането постоењето на Дневниците; дури и напротив, го има имплицитно негирано постоењето на обемни записи од автобиографска или креативна природа.
- Во прилог на досега кажаното оди и фактот што Дневниците, заедно со неколку тетратки овде провизорно групирани под називот Раскази и импресии, беа најдени последни во домот на Сидо, во заклучлив, но не и заклучен, орман затскриен од други ракописи, каталози и книги. За разлика од останатите тетратки, Дневниците не беа хронолошки подредени што би можело да сугерира дека, барем попатно, Сидо консултирал дел од нив во последните денови од својот живот, можеби под влијание на горенаведените разговори за објавување на ракописите.
Безмалку несомнено, токму на ова влијание своето постоење го должат две белешки најдени меѓу страниците на последнодатираните ракописи на Сидо. Подведени под насловот Беда на живеење и копнеж за суштествување (доживување на светов и себе во светов), очигледно е дека обете скицираат структура на книга која Сидо ја замислувал, барем во своите приватни белешки, и како свое „животно дело“. Исто така очигледно е – и тоа речиси безисклучно – и на кои ракописи или ракописни групи реферира секоја од ставките. Но, не е очигледно на каков начин Сидо го замислувал поединечниот избор од тетратките, ниту, пак, дали воопшто имал време да размислува за тоа. За волја на вистината, не е најочигледна ниту хронологијата (ниту една од двете белешки не е датирана), но благодарение на неколку интерни (прочистениот и нумериран распоред, дообјаснувањето на предговорот и поговорот) и екстерни докази (едно сведоштво и местото во тетратките во кои беа подметнати) со разумна веројатност може да се претпостави која од двете е пораната. Разбирливо, не можеме да знаеме колку внимание Сидо има посветено на пишувањето на овие белешки, ниту пак дали подоцнежната е и конечна, но барем засега не е најден никаков запис што противречи на впечатокот дека двете факсимилни белешки подолу документираат неостварена желба, укината не од отсуство на волја и интерес, туку од ненадејна и прерана смрт:
Сè на сè, во последната година од својот живот, Сидо се согласил избор од неговото творештво да биде уреден и објавен во печатена монографија, а веројатно планирал и да ја прошири својата првично понудена селекција кон ракописи со чие постоење можеби и не бил запознаен никој освен самиот тој. Во отсуство на негова недвосмислена дозвола за конечна реализација на овој проект, ни останува нам – на роднините, пријателите, познаниците – да ги претпоставиме, соочиме и премериме желбите на Сидо и да се обврземе кон исполнување на оние што околностите сугерираат дека се последни, притоа не занемарувајќи го товарот што го носи прилогот „веројатно“ во претходната реченица. Бидејќи таквиот потфат (приредување монографија според претпоставените назнаки на Сидо) не би можел да биде нешто помалку од многугодишен проект, се одлучивме да дигитализираме и споделиме огромен дел од ракописите на професорот преку оваа веб-страница уште отсега; нималку не запоставувајќи го, проектот само го преобликувавме и го локализиравме во најважниот поделок од страницава, каде во иднина ќе се трудиме да објавуваме уредени извадоци од ракописите со надеж дека еден ден истите ќе можат да станат предлошка за некоја идна книга. Во меѓувреме, за да се заштитат од оштети и кражби, оригиналите од ракописите беа преместени од домот на Сидо во архивата на Кинотеката на Република Македонија (веќе со децении, едно од неговите омилени места) каде исто така беше донирана и неговата обемна библиотека (дел од која можете накратко да видите во дебитантскиот документарен филм на Тамара Котевска, дваесетина секунди по четвртата минута). Се надеваме дека во иднина ќе можеме да најдеме и посоодветен простор за личната оставина на Сидо; дотогаш ќе мораме да се задоволиме со привремениот физички и овој, заменски и виртуелен.
ХРОНОЛОГИЈА И ТИПОЛОГИЈА
Бидејќи речиси сите записи на Сидо се уредно и внимателно датирани, хронологијата на неговите ракописи беше лесно утврдлива.1 Со нејзина помош – а и со помош на неколку попатни и додатни показатели (наслови, стил, ракопис, поставеност на тетратките во домот) – беше возможно да се класифицираат сите тетратки во седум широки категории: три од креативна природа (Сценарија, Песни и Раскази и импресии), три што би можеле да се наречат философско-контемплативни (Есеи, Мисли за размислување и Тематски размисли) и една мемоарско-автобиографска (Дневници). Табелата подолу дава воведна – макар и само делумна – претстава за изгледот на секоја од тетратките, како и за нејзината позиција во хронологијата на ракописите на Сидо:
Како што може да се види и од самата табела, со незанемарливи исклучоци, самотната пишувачка историја на Сидо грубо се периодизира низ сопствената типологија. Можеби не е несовесно овде да се обопшти уште и впечатокот дека воочлива е специфична еволуција на интересите и стилот на Сидо, кои се поместуваат од просторите на личното и тематското кон оние на општото и афористичкото за да амалгамираат во некоја мешавина од последните три.
Есеи (1969-1973)
9 тетратки2
Оградени меѓу факултетот и воената служба – и втонати во дилеми и неспокој – раните записи на Сидо имаат интроспективно-есеистичка природа. По нивниот интимен и субјективен карактер, истите воочливо наликуваат на минуциозната документаристика што преовладува во Дневниците (кои несомнено ги навестуваат), а по нивната структура и нефрагментираност видно се разликуваат од псевдоафористичкиот стил на Мислите за размислување (со кои делумно временски и се поклопуваат). Во дел од овие тетратки, Сидо трага по патокази додека лута низ полупознати светови на страв и неизвесност; во останатите, речиси парадоксално, самоуверено исцртува мапи за сопствениот живот, на неизживеано исцрпувајќи ги повеќето иднини и алтернативи за постоење; ретроспективно гледано, зачудувачки е колку останал верен на многу од овие младешки планови до крајот на својот живот. Меѓу Есеите, можеби и само полуоправдано, вклучени се и две сродни тетратки насловени како Мисли. Првата го покрива периодот од април до јуни 1973 година и се занимава со превреднувањето на христијанските вредности (како и односот меѓу искусувањето и обмислувањето на светот) а втората – пишувана од септември до крајот на истата година – ги проблематизира постоењето на Бог и личната вина. Иако очигледно преодни меѓу оваа рана фаза и Мислите за размислување, по низа стилски и структурни одлики, ни се чинеше посоодветно овие две тетратки да ги сместиме меѓу Есеите, иако не е тешко да се наведат аргументи и против ваквата одлука.
Дневници (1973-1992)
58 тетратки
На 9 април 1973 година – во обид да го тестира интуитивниот впечаток дека иднината на секоја личност е во голема мера предодрена од нејзиното минато – Сидо се одлучува да започне Дневник во кој се заветува дека секоја вечер ќе ги прибележува сите „доживувања, мисли и расположенија“ од изминатиот ден. Дванаесетина години – и повеќе од десет илјади страници! – подоцна, после неколку трансформативни искуства од летото 1985 година, го прогласува овој огромен проект за залуден и безначаен потфат што не придонел нималку кон подефинитивен или обмислен одговор на прашањето „Има ли некое оправдување на самиот живот и на сè она што ќе се претрпи и доживее низ него?“ Оттогаш, редовните дневни белешки (сè до последните години ниту една дата не е осиромашена од запис) се проретчуваат за на почетокот на 1992 година сосема да престанат.
Би додале „за жал“, зашто од сите тетратки што ни ги остави во наследство, овие педесет и осум веројатно се најважни и најнеодминливи. Не само заради тоа што никогаш (барем не во јавно достапната македонска историја) не е отпочнат и толку посветено спроведен ваков психографски потфат, туку и заради тоа што годините што ги покрива опфаќаат еден пресвртен период од историјата на две земји, СФРЈ и Македонија. Оттука, нешто слично како Пеписовите наспроти англиската реставрација, Дневниците на Сидо – сосема независно од нивните останати и несомнени вредности – би можеле да послужат како значаен историски документ, бидејќи, макар и попатно и немарно, во заднината детално портретираат едно општество во распад и друго во зачеток. Посуштински, овие тетратки делат нешто повеќе со еден друг семинален текст од автобиографски вид, Русоовите Исповеди, зашто како и нив, заветени се на искреност над срамот и потребата за самооправдување. Но, кај Сидо (и не само поради жанровската дистинкција дневник/мемоар), отсуството од самооправдување не е само пропратна одлика на документирањето (како кај Русо), туку уредничка нотација во текстот на животот. Со други зборови, сировата и непоколеблива искреност на Дневниците има дидактичка функција и служи едновремено и како самопрекор и како двигател за идна промена. Впрочем, токму тоа е и втората и поинтересна цел на Дневниците на Сидо: низ самосоочување со минатите гревови, да му помогнат на хроничарот да израсне во позрела и поцелосна личност.
Иако првично започнат со намера да биде концизно, објективно и документаристичко сведоштво на еден живот (прочистено од љубопитност за поединости, несуштествености и интроспекција), Дневникот, уште од првиот запис, еволуира во нешто многу подлабоко: хроника на секојдневните подеми и падови, на честите копнежи и разочарувања, на долгогодишните стремежи и неостварени сништа на една видна личност во изградба. За разлика од останатите негови записи (дури и оние од креативна природа), Дневниците на Сидо се неретко богати и на стилски план и откриваат една негова помалку позната, книжевно-лирска страна: не е занемарлив бројот на страниците низ кои, вдахнатo од лични трауми и интимни размисли, естетското успева да продре над слоевите апстрактно и повторливо философирање. Можеби токму поради тоа што личното е безмалку во целост супресирано од неговите подоцнежни записи, Сидо никогаш и не изгради некаков препознатлив пишувачки стил; иронично, не е претерано да согледаме и некаква намерност зад оваа постапка, зашто за доцниот Сидо, рафинираниот стил беше контрапродуктивен хевристички зафат, самоперпетуирачка заблуда, терен за бескрајни миниманипулации со несогледливи последици.
Уште и ова. Почнати непосредно по отслужувањето на воениот рок, текстовите од Дневникот на Сидо набрзо се раслојуваат и удвојуваат – премолчено на план на мисија, видливо на план на структура и содржина. Па, така, во еден долг период од неговото водење (дури и ако не може безусловно да се верува на датирањето на Сидо) има дневнички тетратки кои го коментираат запишаното во други тетратки кои, пак, верни на првичната идеја, не се нешто повеќе од сувопарни каталози на секојдневни настани, доживувања и размисли, често банални и повторливи до безначајност, но повремено и соголувачки до немир и неспокој. Непосредно пред да се откаже од натамошната работа врз Дневниците, веќе видно уморен и разочаран од нив, Сидо искажува намера да посвети една тетратка на сеќавања од детството; можеби набрзо забележува дека многу спомени се и онака рассеани низ останатите дневнички тетратки, зашто, иако начелно мемоарска, и оваа тетратка (редоследно, педесет и седма) набрзо добива дневнички карактер, па на крајот е каталогизирана како дел од овој циклус.
Мисли за размислување (1965-2012)
92 тетратки
Иако најстарата тетратка што бесприговорно припаѓа на овој циклус датира уште од 1965 година, Мислите за размислување3 стануваат главен пишувачки фокус на Сидо дури откако се откажува од посветената работа врз Дневникот – што, пак, кореспондира со почетокот на 1990-тите и осамостојувањето на Македонија. Пред тоа, тетратките што го делат овој наслов покриваат нетипично долги периоди (меѓу првите три се распределени безмалку две и пол децении) и не навестуваат долгогодишен проект во зародиш. Додатен доказ за ова е и една тетратка која го носи насловот Философски рефлексии и дели сè со останатите таксативно вброени во овој циклус освен консекутивна нумерација, па оттука и свест за припадност.4
Под обединувачкиот назив Мисли за размислување, Сидо завел 92 тетратки, дистингвирани една од друга со римска нумерација што се движи до CX. Дискрепанцата меѓу овој и арапскиот број не е последица на изгубени или ненајдени тетратки, туку на неколку авторски превиди направени во текот на хронологизирањето:
-
- Поради закосеноста на втората самостојна цртка од римската тринаесетка впишана на насловната страница од Мисли за размислување XIII (
), веројатно Сидо овој број го прочитал како XIV, па наредната тетратка, иако четиринеасетта во редоследот, ја завел под број XV.
- Веројатно од брзање, Сидо прочитал една десетка повеќе во римската ознака за седумдесет и девет (LXXXIX место LXXIX), па наредната тетратка е заведена под римскиот симбол за 90 (Мисли за размислување XC) наместо под точниот за 80 (LXXXIX).
- Последната класификаторска грешка е двојна и направена веднаш потоа: бројот 91 е заведен под неточната римска ознака XIC (
) што потоа исто така неточно е прочитана како 99 (огледално: CIX). Последично, наредната тетратка е заведена под римската ознака за бројот сто (Мисли за размислување C).
- Поради закосеноста на втората самостојна цртка од римската тринаесетка впишана на насловната страница од Мисли за размислување XIII (
Почнати како кратки, попатни белешки на неврзани теми на работ на адолесценцијата, Мислите за размислување инаугурираат значаен стилски пресврт во творештвото на Сидо, веќе навестен во погореспоменатите Мисли. Имено, по напуштањето на работата врз Дневникот, Сидо никогаш повеќе нема да се наврати на униформни, ракописно напишани и релативно лесно резимирливи философски записи како оние од Есеите. Дури и кога ќе пишува на една иста, однапред дефинирана тема како во тетратките од последната деценија од својот живот, одново ќе пишува печатно, несистематски и афористично – во просек, по една еднострана, нумерирана белешка на ден-два. Во Мислите за размислување, многу од овие белешки продолжуваат каде што застануваат нивните претходнички, но многу други, без никаков вовед или најава, воведуваат сосема нови теми и идеи – ако смее да се опишат како „нови“ темите на кои Сидо (а и човештвото) постојано и циклусно се навраќа. Како што може само да се очекува од ваквиот несистематичен пристап, неретко се случува два афоризми да бранат два става противречни еден на друг до непомирливост; и почести се случаите кога, аргументирајќи одреден став, Сидо донесува заклучок што суштински ги негира првичните тези; но, веројатно најчести се белешките кои почнуваат со просветлувачка убеденост во одредена позиција, меандрираат низ несредено образложение и неследлива синтакса, за на крајот да издивнат во неодговорливо прашање или резигнирано „не знам.“
На 11.782 страници, Мислите за размислување содржат барем 10.199 афоризми запишани во период од половина век (поточно, 18.294 дена).5 Одново, како последица на изворни грешки во нумерирањето, последната белешка од Мислите за размислувања е заведена под скромниот број 7.887; барем од досега забележаното, сите грешки се направени во подоцнежните томови:
-
- Во Мисли за размислување LXXIV, по 8.299-тата, следува белешка означена со број 8.230 наместо со правилниот 8.300. Оттука, место да заврши со белешка број 8.310, томот завршува со белешка број 8.240.
- Во Мисли за размислување LXXVII, по белешката со број 8.393, следува белешката со број 8.354; последната белешка во томот е 8.384, а треба 8.433.
- Во Мисли за размислување CI, по 8.794-тата белешка, следува белешката со број 8.755; томот завршува со белешка бр. 8.844, а треба со белешка бр. 8.904.
- Најсериозно, во Мисли за размислување CVIII, по белешката 9.579, следува белешката со број 7.580, отпочнувајќи сосема нова нумерација во последните две и пол тетратки, офсетирана од правилната за околу две илјади и триста броја.
Како и голем дел од белешките групирани под насловот Мисли за размислувања – а и речиси сите останати пишувачки и животни проекти на Сидо – целиот циклус од 92 тетратки се примирува во самонегација, со потиштено признание за немоќта на умот да ги размислува и реши најгорливите прашања и проблеми на животот и меѓучовечките односи. Пооптимистичните веројатно би можеле да откријат и прикриена надеж во вербата на Сидо дека уметноста – бидејќи необврзана да ги промислува овие прашања и проблеми на рационален начин како науката и философијата – секогаш ќе овозможува, низ самиот творечки чин, нешто што не може ниту една друга сфера на човековата активност: бегство во потполна и апсолутна слобода.
Тематски размисли (2009-2019)
30 тетратки6
На 26 октомри 2012 година, Сидо става крај на полувековните Мисли за размислување. Дотогаш, веќе три години, тој спорадично работи на тематски групирани белешки за убавината и меморијата.7 До крајот на својот живот, Сидо ќе напише уште четири вакви повеќетомни циклуси (еден шеснаесеттомен за филмот и двотомните за смртта, за умот и неговото чудење и за самоуправувањето како израз на љубов) и уште тринаесет еднотетратни афористички белешки на одредена тема,8 кои или дефинираат и истражуваат апстрактни концепти како слободата и знаењето или ги сопоставуваат овие истражувања на историските неуспеси на човештвото конкретно да ги примени наводните сознанија во структурирањето на општествено-политичките заедници. Дел од тетратките, барем заветно, ветуваат и алтернативи; но, во практика, и тие не нудат нешто повеќе од свест и страв за утопичноста на алтернативата, пропратени од барем неколку „дали е можно?“ и „не знам“. Бидејќи Тематските размисли претставуваат венчавка меѓу две малку компатибилни крајности – афористичкиот стил на Мислите за размислување и содржинската униформност на Есеите – тешко е да се оценат како циклус. Но, веројатно не е претерано да се каже дека се почнати со намера да бидат конечен дестилат на напишаното во Мислите за размислување, при што поимите-наслови се одбрани со надеж дека посоодветно од некои други ќе ја отсимулираат потребната точка на вриење. Фактот што на крајот Сидо пак ни оставил во наследство преку 7.000 страници – голем дел од кои не се ниту доволно кохерентни ниту достатно систематични – ја запрашува успешноста на овој потфат. Но, најпосле – како што е запишано безброј пати на истите овие страници – токму тоа можеби е и неговата главна поента.
Сценарија (1964-1974)
1 тетратка
Уште додека беше жив, покрај своите филмски дела, Сидо депонираше и голем број авторски текстови врзани со филмот и сопственото филмско творештво во Кинотеката на Македонија. Едновремено, знаеме и дека дел од неговите сценарија, низ годините и децениите, се повремено препишувани и дигитализирани од негови поранешни ученици. Оттука, не е воопшто чудно што најдовме само една тетратка со сценарија во неговата оставина. Истата содржи деветнаесет сценарија, сите од најраната кариера на Сидо, приближно половина своевремено и снимени и уште половина што веројатно никогаш не биле пренесени на филмска лента. Очигледно е, поради распоредот на сценаријата во тетратката, дека ниту едно од нив не е изворно запишано во неа, односно дека тетратката е компилација и препис на претходно напишани сценарија. Можеби тоа е причината зошто не била доставена заедно со останатите записи во Кинотека, зашто стоеше на релативно видливо место. А можеби е и нешто полично или сосема тривијално. И во едниот и во другиот случај, тешко дека некогаш ќе можеме да ја напуштиме сферата на претпоставките.
Песни (1966-2019)
28 тетратки
Како што прибележува во отпосле напишаниот предговор кон својата најрана збирка песни (а и неколку пати низ Дневникот), Сидо изгледа често гледал на својот креативен напор како на начин да се соочи со самиот себеси – но не и како нешто повеќе од тоа. Барем досега, немаме најдено ниту еден запис што противречи на општоприфатениот впечаток дека Сидо долго и доживотно ја сметаше уметноста за врвен израз на духовното спознание, верувајќи дека само низ неа може да се реализира апсолутната слобода; последователно, не е ни чудно што своите први поетски и сценариски записи ги опишува, ретроспективно, како мигови на „духовно будење или раѓање.“ Оттогаш, па сè до крајот на животот, Сидо постојано творел и уживал да твори, претпочитајќи го чинот на креација пред философирањето и рационализациите. Па, сепак, иако потајно копнеел да стане добар уметник и режисер (во еден наврат има речено дека негово најголемо каење е неуспехот да влезе на Белградската филмска академија), изгледа бил свесен за сопствените ограничености на кои тој повремено се осврнува во Дневниците со зборови како „невештост“ или „незнаење“. Можеби токму како последица на ова размислување, и покрај огромниот број напишани песни (сместени во дури 28 тетратки и бележници и распослани на преку 2.000 страници), споделил или малку или речиси ништо од нив со другите луѓе. Како и во случајот со сценаријата, и меѓу песните има тетратки-компилации на претходни записи, особено меѓу оние подоцна датираните (в. Песни бр. 25 и Песни бр. 27); многу од песните се јавуваат во неколку верзии, обично една после друга. Конечно, речиси сите се датирани, темпорализирани и локализирани, што ни дава увид во креативниот процес кој претходел на нивното создавање: со исклучок на една песна (веројатно единствената што си ја ценел, „За ()“), сите други се пишувани набрзина и по краткотраен проблик на инспирација, најчесто во неговиот дом, во градскиот парк или на Водно.
Раскази и импресии (1990-2011)
8 тетратки
Најинтересни меѓу трите типа уметнички творби во необјавениот опус на Сидо се, веројатно, осумте ненасловени тетратки што ние ги подведовме под генеричкиот наслов Раскази и импресии. Токму тоа и го содржат: низа лирско-прозни впечатоци промешани меѓу мнозина кратки наративи од фиктивна природа. До некаде и чудно, Расказите и импресиите беа поскриени и од Дневниците во домот на Сидо, сместени веднаш зад нив, во длабочината на погореспоменатиот орман. По лексиката што дел од нив ја содржат, можеме и да претпоставиме зошто: ако се изземат Дневниците, тешко е да се рече дека на некое друго место во своите текстови, Сидо изгледа толку слободен во изразот и толку неригиден во намерите. Само во овие тетратки може да се најдат игриви и леснохуморни елементи, поизградени ликови што не функционираат само како негови негови алтер-ега, па и повремени вулгарности и пцости. Првичниот впечаток е дека, ако импресиите морале, не сите раскази можеле да се напишат во еден здив, па за голем дел од нив се чини дека завршуваат онаму каде што требало да почнат, а почнуваат истоветно: во фиктивниот спомен. Но, изгледа токму овој поглед свртен наназад, како една од вечните книжевни постапки, му овозможувал на Сидо најголем фокус и слобода – двете нешта што ги прават Расказите и импресиите интересни за читање и споредба со останатите записи. Исто како и во случајот со Песните, и меѓу овие текстови на Сидо се наоѓаат двојни и тројни преработки на истиот запис, некогаш преслични една на друга за да се опишат како нешто повеќе од варијации, а другпат доволно различни за да се сметаат за верзии.
ЕТОГРАФСКИ БЕЛЕШКИ
Покрај очигледното – дека Стефан Сидовски беше ретка и необична личност – ракописите што за првпат ги правиме делумно или целосно достапни на оваа веб-страница ни откриваат уште барем три битни нешта за нивниот автор.
Пред сè и над сè, дека впечатокот што го имаа огромно мнозинство од луѓето што го познаваа додека беше жив бил верен на неговите стремежи и цели, дури и во оние ретки моменти кога не бил верен на неговите постапки. Интуитивно свесен уште од рана возраст за својата различност, Сидо често бил растргнат меѓу товарот што го носи ова сознание и копнежот по обичноста на секојдневието, односно, длабоката потреба на поедноставен и поповршен начин да се вклучи во искусувањето на животот. Иако често сметал дека непомирливи се интересите на мислителот со оние на обичниот човек, еднакво често се плашел дека греши и дека голем е ризикот да се освести за својата грешка предоцна, независно кој избор и да го направи. Па, сепак, најчесто се радувал кога го избирал аскетскиот пат на мудроста, а се каел кога, сосема повремено, ќе бил заведен од искушенијата на обичниот живот – и тој не сосема обичен низ неговите очи.
Второто нешто што ни го откриваат ракописите е дека, како и сите нас, Сидо бил човек со многу маани и дилеми, но и дека, како што можат само малкумина да се пофалат денес, посветено и систематски се стремел да ги надмине првите и разреши вторите на оптимален начин, и за себе и за светот. Безмалку очекувано, токму од пепелта на сопствените подвоености (а сосема ретко од текстовите на други мислители), Сидо ги распретувал прашањата на кои посветил најголем дел од својата интелектуална енергија. Најчестото меѓу нив (или она на кое смее да се сведат речиси сите други) би морале да речеме дека е реторско: возможно ли е да се помират милионите разновидни желби и потреби на луѓето без притоа да се наруши меѓучовечката хармонија?
Од многупати повторениот и доследно негативен одговор на ова прашање произлегува и третото големо сознание за Сидо што може да се извлече од овие ракописи: дека, за разлика од многу овдешни мислители кои уживаат неспоредливо повисок статус од него, тој и по десетици илјади страници размисли и духовно проживеани експерименти бил способен да одолее на заблудата на неповратниот трошок, не срамејќи се да си ја признае пред себеси залудноста на своите децениски пишувачко-искуствени потфати. Од некоја причина, имал и храброст и енергија и дисциплина одново и одново да почнува нови и слични, со речиси непроменета цел и без страв од повторен неуспех. Дури и напротив, многу почест е впечатокот дека стрмоглаво јурнувал кон него уште од почеток, небаре обидувајќи се да си докаже, низ сопствен опит, дека многу од туѓите сознанија и откритија се наводни и илузорни. До последен момент, наместо возгордеан во некаква си мудрост, Сидо останал занемен пред животот и неговите тајни. Љубопитството и експериментите од долгата средина на неговото суштествување на земјава никогаш не му донеле потраен одговор на прашањата поставени во кратката младост, туку, напротив, му дале потврда за неговите прастари сомнежи дека воопшто и не требало никогаш да се постават тие прашања.
Оттука, наместо со псевдоувереност во некои трајни и големи вистини, записите на Сидо се преполни со прашања – „повеќе од неправди во историјата на човештвото“ – и наклонети кон самосомневање и преобмислување. Но, не мислиме овде на наклонетоста од оној пречест, провизорен и промовиран вид, практикуван од многу наши и светски признати писатели кои се самоистражуваат јавно во дневни колумни или педесетина тома и се гласно фалени за тоа, и покрај тоа што во меѓупериодите, невистините протекле по маргините низ светот, предизвикувајќи неизмерна и неслушната болка; туку од оној искрен, сократовски и сосема редок вид (ако и воопшто постоечки во денешново наивно демократизирано, сеитеративно и безнадежно практично време) во кој задоволствата не се повеќе од искушенија и во најдлабоките простори на осаменоста, во кој болните желби постојат единствено за да се самопоништат, во кој, однапред и свесно, сегашноста се принесува како жртва пред олтарот на самоспознанието и растот, во име на некоја иднина што можеби и нема никогаш да дојде.
ЗА СТИЛОТ И ПРЕПИСИТЕ
Фалејќи ја леснотијата со која наводно ги пишувал своите драми, пријателите на Шекспир од неговата актерска трупа често имале навика да кажат дека Бардот никогаш не прешкртал ниту еден стих. Шекспировиот современик Бен Џонсон, според негово лично сведоштво, на тоа обичајно реплицирал со денес познатото: „ах, камо да прешкртал илјада!“ Чуму житија? – и ние би можеле да го кажеме потполно истото за Сидо. И тоа мерејќи во страници, не во стихови; и не само поради неколкуте сигнали од оваа природа на кои досега налетавме низ записите, туку и заради тоа што во еден разговор има кажано дека не ја поднесува глетката на прешкртани реченици. Вистина, такви речиси и да нема низ десетиците илјади страници што ги напишал. Дури и кога, навраќајќи се на нешто (што било навистина ретко), не бил задоволен со својот прв обид, претпочитал преписи и нови верзии наместо дописи и белешки долж маргините. Како да не се интересирал што ќе напише денес, туку што ќе извлече од напишаното во животот утре; како пишувањето да му било само терапевтски чин, а не и медиум за комуникација. Најпосле, да не забораваме и дека не планирал да објави речиси ништо од овде споделеното.
Иако во животот Сидо копнееше по слобода, се чини дека ретко наоѓал начин како истата да ја проживее низ и во текстот: со исклучок на Дневниците и, делумно, Расказите, слободата му е туѓа на неговиот опус. Во истиот контекст, не е претерување да се каже дека речиси сите значајни текстови на Сидо се напишани во курзив; иронично, тоа се оние во кои наместо посветено да се занимава со решавање на светските проблеми, попатно се занимавал со себеси и со сопствените демони и сништа. Огромен дел од останатите записи се синтаксички тешко следливи, содржински повторливи па дури и лишени од длабочина;9 многу други се веројатно продукт на самонаметната должност да се запише нешто – што и да е – на крајот на денот. Па, сепак, сите тие изгледаат некако нужни во име на целиот проект: бесконечно долга интроспекција во име на доживотен интегритет, две нешта со кои бил очигледно опседнат во својот живот. Многумина забораваат дека ниту едното ниту другото немаат никаква врска со јазикот, туку со јас-от.
Не е тајна дека, иако имаше неумолива желба за самоспознавање и раст и одличен осет за систематизација и архивирање, Сидо имаше и неизграден и полукомуникативен стил; дел од неговите записи покажуваат дека и самиот бил свесен за ова. Веројатно сè би било поинаку ако одлучел да пишува на начинот на којшто пишувал низ добар дел од своите Дневници, па дури и рани Есеи. Но, од некоја причина, се одлучил да пишува сосема различно за она што не го засегало лично и непосредно. Можеби во обид да си биде појасен и попрецизен во изразувањето на своите философски погледи и ставови за себе, Сидо често станува понејасен и поопскурен за читателот; во обид да стекне слобода на мислата, целосно ја изгубил онаа на перото. Токму за овие нешта е разговарано со него непосредно пред неговата смрт. И токму заради тие разговори – и нашиот тогашен и сегашен впечаток дека, и покрај почитта што ја уживаше, Сидо-авторот не беше достатно сфатен (и тоа од најпогрешни причини) – сметаме дека најважниот дел од оваа веб-страница се редактираните преписи од овде споделените и несподелени ракописи. Темелниот читател би забележал дека во дел од нив е интервенирано на начин на кој би интервенирал преведувач од XVI век, а не уредник од XXI; вдахновениот би знаел однапред дека секој уредник е, всушност, некој вид преведувач. Тоа го знаеше и Сидо: неколку од овде објавените записи беа своевремено преведувани со негово знаење и во негово лично присуство. И тој виде дека е добро тогаш и ни рече да продолжиме понатаму. И така и стана.
ЗА КРАЈ
Илјадниците страници споделени овде не можат да служат како замена за присуството на Сидо. Дури и напротив, за многумина кои го знаеја и имаа можност поредовно да разговараат со него, тие веројатно само ќе го направат повпечатливо неговото отсуство. Но, токму тоа е и една од главните причини поради која се одлучивме да ги споделиме: веруваме, искрено и длабоко, дека светот е сè уште подносливо место за живеење само заради тоа што повремено низ него проскитуваат луѓе чие отсуство е ненадоместливо и не признава сурогати. Во основа, оваа архива нема друга претензија освен да биде нежно сведоштво за еден ваков вид на недостиг.
СО НЕИСЧЕЗЛИВА ЉУБОВ И ЗАСЛУЖЕНА ПОЧИТ,
НЕГОВОТО СЕМЕЈСТВО
НЕГОВИТЕ ПРИЈАТЕЛИ И СОРАБОТНИЦИ
НЕГОВИТЕ НЕКОГАШНИ И СЕКОГАШНИ УЧЕНИЦИ
БЕЛЕШКИ
- Имајќи ја предвид оваа доследност и хронолошка грижа на професорот, дури и кога имавме сомнежи за точното датирање на некои записи – поради невклопливи удвојувања или противречни екстерни докази (главно, во Дневниците) – предимство им дадовме на датите заведени покрај самите записи. Во процесот, сосема е возможно да сме припишале и некои случајности на намера; во име на конзистентост, најголем дел од подметнатите ливчиња и подлистоци – независно од нивниот стил, јазик или содржина – при скенирањето ги поместивме на почетокот или крајот од тетратките во коишто беа најдени. Иако не совршено, ова се чинеше како најсоодветно решение, зашто овозможуваше да се испочитува нивната изворна положба, без притоа да се наруши или размести хронолошкиот строеж на самите тетратки.
- Всушност, изворно, беа тринаесет, но при скенирањето, со цел да ја испочитуваме изворната последователна пагинација, ги групиравме тетратките со ист наслов: Записи од посмтарања на самиот себеси (1-4) и Бладањата на еден невротичар (1-2).
- Изворно се насловени Кратки мисли за долги размислувања, но од деветтата тетратка натаму го носат пократкиот назив Мисли за размислување; така се категоризирани и овде.
- Философските рефлексии се почнати на почетокот од учебната 1987-ма година, во периодот кога Сидо почнува да се дистанцира од работата врз Дневникот. На прв поглед, тие многу повеќе ветуваат почеток на некој иден циклус (најмногу, зашто коинцидираат со пауза во друг) но, ретроспективно, не би можеле да се каталогизираат никако поинаку освен како преоден том и би морале да се периодизираат меѓу раните тетратки од циклусот Мисли за размислување, на кој, впрочем, Сидо продолжил да работи непосредно по почнувањето на оваа тетратка; оттука и не е чудно што тие делат многу сличности. За да не влијаеме на изворната нумерација (и покрај грешките што истата ги содржи), не е направен никаков напор за поцелосно вклопување на Философските рефлексии во овој циклус и истите имаат само пребројувачко влијание.
- Поради обемноста на материјалот и времето потребно детално да се истражи, засега секоја од овие три бројки мора да се смета само за провизорна – иако веројатно е достатно добра апроксимација за точната.
- Без шеснаесетте посветени на филмот, овде отсутни; со сè нив, вкупно се 46.
- Во текот на овој период (2009-2013), Сидо работи и на еден преоден и отпосле нумериран мини-циклус од четири тетратки под насловот Размисли, кој, освен во нумерацијата (која се рестартира во секоја тетратка), не се разликува во речиси ништо друго од Мислите за размислување; го сместуваме меѓу Тематските размисли најмногу заради угодност, а многу помалку заради соодветност.
- Меѓу овие тринаесет тетратки, го вбројуваме и доцниот ракопис насловен како Философски медитации, и покрај тоа што истиот, во многу аспекти, не се повинува на наведениот опис (како што, впрочем, сугерира и самиот наслов). Сепак, како што сведочи воведот, Философските медитации се почнати со намера да бидат тематски (барем на ниво на експеримент) и може грубо да се обединат околу нивниот експлицитен raison d’être: да посведочат за неможноста на умот да достигне сезнаење за стварноста поради инхерентната некомпатибилност на мисловните процеси со фактичката реалност.
- За жал, и она малку што е досега објавено од Сидо е често објавено недоволно редактирано, па многу од неговите идеи се губат не само во стилската неизграденост на Сидо, туку и во мноштво синтаксички каламбури, па дури и граматичко-правописни грешки направени при преписите.