Категорија: Есеи (1969-1973) (тетратки)
Оградени меѓу факултетот и воената служба – и втонати во дилеми и неспокој – раните записи на Сидо имаат интроспективно-есеистичка природа. По нивниот интимен и субјективен карактер, истите воочливо наликуваат на минуциозната документаристика што преовладува во Дневниците (кои несомнено ги навестуваат), а по нивната структура и нефрагментираност видно се разликуваат од псевдоафористичкиот стил на Мислите за размислување (со кои делумно временски и се поклопуваат). Во дел од овие тетратки, Сидо трага по патокази додека лута низ полупознати светови на страв и неизвесност; во останатите, речиси парадоксално, самоуверено исцртува мапи за сопствениот живот, на неизживеано исцрпувајќи ги повеќето иднини и алтернативи за постоење; ретроспективно гледано, зачудувачки е колку останал верен на многу од овие младешки планови до крајот на својот живот. Меѓу Есеите, до некаде и контраинтуитивно, вклучени се и две сродни тетратки насловени како Мисли. Првата го покрива периодот од април до јуни 1973 година и се занимава со превреднувањето на христијанските вредности (како и односот меѓу искусувањето и обмислувањето на светот) а втората – пишувана од септември до крајот на истата година – ги проблематизира постоењето на Бог и личната вина. Иако очигледно преодни меѓу оваа рана фаза и Мислите за размислување, по низа стилски и структурни одлики, ни се чинеше посоодветно овие две тетратки да ги сместиме меѓу Есеите, иако не е тешко да се наведат аргументи и против ваквата одлука. Овде можете да најдете редактирани преписи од Есеите на Сидо.