Категорија: Ракописи
По смртта на Стефан Сидовски-Сидо, во неговиот дом беа пронајдени двесте четириесет и две целосно испишани тетратки од различен формат, чиј вкупен број на страници, во ракопис, не е помал од триесет и пет илјади. Ракописите споделени овде (сто шеесет и осум на број) содржат над дваесет и две илјади страници, или, попрегледно, сите со исклучок на десетината илјади од шеесеттомните Дневници (од кои, во догледна иднина и од почит кон сè уште живите, ќе бидат објавувани само селектирани и делумно редактирани преписи) и еден шеснаесеттомен тематски циклус афористички размисли за филмот за кого можеме да бидеме сигурни дека Сидо имал намера да го уреди и отпечати како книга. Како книга (провизорно насловена Беда на живеење и копнеж по суштествување и попатно опишана како „животно дело“), Сидо планирал да приготви и отпечати и некаков избор од останатите тетратки, кои – со помош на многу интерни и екстерни показатели – не беше тешко да се класифицираат во три широки и седум потесни категории: креативни творби (Сценарија, Песни и Раскази и импресии), философски контемплации (Есеи, Мисли за размислување и Тематски размисли) и мемоарско-автобиографски записи (Дневници). За полесно снаоѓање, категориите се овде дистингвирани двојно – и по боја и по патерн. Истите бои, во различни нијанси, се користени и во поделокот Преписи, каде ќе објавуваме редактирани извадоци кои, од една или друга причина, ни се виделе интересни или значајни. Со цел читателот да добие подобар хронолошки преглед на опусот на Сидо, датата под која е објавена секоја тетратка на веб-страницава соодветствува со онаа на која е заведен најраниот запис во неа.