Категорија: Тематски размисли (2009-2019) (тетратки)
Уште пред да се откаже од натамошна работа врз Мислите за размислување, некаде во 2009-та година, Сидо почнува да работи на нови видови белешки – овој пат, како никогаш претходно, тематски групирани. На нив посветил најголем дел од последната деценија од својот живот. Четириесет и шест на број, тетратките што овде ги групираме под насловот Тематски размисли, содржат неколку повеќетомни мини-циклуси (за филмот (овде необјавени), за убавината, за меморијата, за смртта, за умот и неговото чудење и за самоуправувањето како израз на љубов), како и уште тринаесет еднотомни афористички белешки на разни теми, кои или дефинираат и истражуваат апстрактни концепти како слободата и знаењето или ги сопоставуваат овие истражувања на историските неуспеси на човештвото конкретно да ги примени наводните сознанија во структурирањето на општествено-политичките заедници. Дел од тетратките, барем заветно, ветуваат и алтернативи, но, во практика, и тие не нудат нешто повеќе од свест и страв за утопичноста на алтернативата, пропратени од барем неколку „дали е можно?“ и „не знам“. Бидејќи Тематските размисли претставуваат венчавка меѓу две малку компатибилни крајности – афористичкиот стил на Мислите за размислување и содржинската униформност на Есеите – тешко е да се оценат како циклус. Но, веројатно не е претерано да се каже дека се почнати со намера да бидат конечен дестилат на напишаното во Мислите за размислување, при што поимите-наслови се одбрани со надеж дека посоодветно од некои други ќе ја отсимулираат потребната точка на вриење. Фактот што на крајот Сидо пак ни оставил во наследство преку 7.000 страници – голем дел од кои не се ниту доволно кохерентни ниту достатно систематични – ја запрашува успешноста на овој потфат. Но, најпосле – како што е запишано безброј пати на истите овие страници – токму тоа можеби е и неговата главна поента. За редактирани преписи од тематските размисли, кликнете овде.