Категорија: Раскази и импресии (1990-2011) (тетратки)
Најинтересни меѓу трите типа уметнички творби во необјавениот опус на Сидо се, веројатно, осумте ненасловени тетратки што ние ги подведовме под генеричкиот наслов Раскази и импресии. Токму тоа и го содржат: низа лирско-прозни впечатоци врамени меѓу мнозина кратки наративи од фиктивна природа. До некаде и чудно, Расказите и импресиите беа поскриени и од Дневниците во домот на Сидо, сместени веднаш зад нив, во длабочината на еден незаклучен орман. По лексиката што дел од нив ја содржат, можеме и да претпоставиме зошто: ако се изземат Дневниците, тешко е да се рече дека на некое друго место во своите текстови, Сидо изгледа толку слободен во изразот и толку неригиден во намерите. Само во овие тетратки може да се најдат игриви и леснохуморни елементи, поизградени ликови што не функционираат само како негови негови алтер-ега, па и повремени вулгарности и пцости. Првичниот впечаток е дека, ако импресиите морале, не сите раскази можеле да се напишат во еден здив, па за голем дел од нив се чини дека завршуваат онаму каде што требало да почнат, а почнуваат речиси истоветно: во фиктивниот спомен. Но, изгледа токму овој поглед свртен наназад, како една од вечните книжевни постапки, му овозможувал на Сидо најголем фокус и слобода – двете нешта што ги прават Расказите и импресиите интересни за читање и споредба со останатите записи. Исто како и во случајот со Песните, и меѓу овие текстови на Сидо се наоѓаат двојни и тројни преработки на истиот запис, некогаш преслични една на друга за да се опишат како нешто повеќе од варијации, а другпат доволно различни за да се сметаат за верзии. Доколку сакате да прочитате некој од расказите на Сидо во дигитален и редактиран облик, кликнете овде.