ТЕГОБНОСТИ
СОДРЖИНА | ||
Скен | ||
Епиграф | ||
I. Тегобности | ||
II. Недоумици | ||
III. Кој да одговори? | ||
IV. Интимно патешествие | ||
V. Занеменост | ||
VI. Очекувања | ||
VII. За – што философија? | ||
VIII. Зошто уште философија? | ||
Често се вели дека младиот човек секогаш стои отворен кон животот; овој суд е многу подвосмислен во своето значење отколку што може да изгледа на прв поглед. Обично, кога се зборува за отвореноста на младите кон животот се мисли на оптимизмот, на надежта и на вербата, на мечтите, сништата и полетната убеденостдека ќе се реализираат во иднина; последично, се мисли и на што понекогаш води кон идеализирање на младоста како најубав период во човековиот живот. Двосмисленоста во однос на младоста се покажува во следново: мечтите и живеењето во надеж чинат младиот човек да биде полн со енергија и ентузијазам. Но, од друга страна. некои доживувања во овој период на развојот на личноста се мошне тескобни и мачни.
Тоа е период кога младешката љубопитност ги поставува општочовечките прашања и проблеми мошне сериозно, се соживува со нив и одговорите ги зема како свое раководно начело, како кредо. Затоа, постои голема одговорност во понудените одговори и во разјаснувањето на нивната вистинитост.
Меѓутоа, токму овој период од развојот на човековата личност (иако „млад човек“ е мошне релативна категорија) претставува премин од светот на детството во светот на возразните. Токму затоа, овој период се доживува тегобно, имајќи предвид дека сопствениот идентитет и афирмација е основната преокупација на младиот човек.
Во психолошко – педагошката литература и практика, тоа се означувакако адолесцентно доба, започнувајќи од пубертетот, па до доцната, зрела младост. Овој период, обично се поминува во средните школи, кога во една дифузност, неодреденост и недистинктивност се испреплетуваат потребите и желбите, фантазирањето и мечтите и идеалите со тенденција да станат стварност. Всушнност, во дифузноста на чувствувањето многу малку се има свест за дистанцата меѓу стремежите и реалноста, туку, најчесто несвесно, постои некое поистоветување: тоа што е стремеж да е и стварност.
Неостварувањето на тој стремеж често води кон разочарувања и депресии и кон сфаќање на стремежот како илузија. Тука почнува процесот на адаптација кон стварноста и процесот на себе – одредувањето во својот идентитет.
Доживувањето на само – себе во својот идентитет влијае врз желбата: да се преземат патувања и авантури, да се среќаваат и да се разговара со луѓе од слични профили, да се запознаат и почувствуваат во нивната пријатност и непријатност, во задоволството и незадоволството, во допаѓањето и одвратноста; да се прават разни „лудости“ и да се доживее она што е од онаа страна на вообичаените воспитно – образовни правила, морални норми и обичаи, а основната цел на сето тоа е да се доживее слободата, неограниченоста, нешто убаво и некоја чистота на живеење што ќе овозможи да се почувствува „јас“ како „јас“.
Во потрагата по својот идентитети афирмација, кај младиот човек настануваат фрустративни ситуации, што потоа стануваат извори на неврози, кои пак, од своја страна, претставуваат ограничувања и предизвик за младиот човек, низ сопствените кризи и преживеалици, да се развива и да расне во само – себереализирањето на постанувањето јас – личност.
Одговорите што можат да се чујат, да се прочитаат и да се осознаат низ сопственото искуство, или пак, прифаќањето практично да се живеат некои филозофски учења, секако дека имаат многу големо влијание и одговорност во оформувањето на младиот човек како личност.
Често пред младиот човек се поставуваат прашања што стануваат лични дилеми, колку повеќе се задлабочува во нив и емотивно ги преживува, толку повеќе се поставува проблемот за смислата на живеењето. И воопшто не е чудно што понекогаш преовладува резигнираност, песимизам и дефетизам во однос на иднината и животот. А тоа пак, од своја страна, води кон конформизам и вклучување во стихијниот менталитет на живеењето.
Како да се сфатат прашањата, каков да биде односот кон проблемите, како да се разјаснат одговорите што нудат дијаметрално спротивни решенија, сè се тоа проблеми кои чинат младиот човек да не биде мирен, туку постојано да е во грч и напор со сопствен труд да ги осознава можностите за развој на сопствената личност.
Исто така, тоа се години кога (во преголемата емотивност на доживувањата) прашањата за светот, животот и смислата на постоењето се поставуваат мошне одговорно пред младиот човек, посебно во тоа како да се пристапи кон сета разнообразност на противречни одговори за исти прашања и проблеми.
Евидентно е дека младиот човек поставува многу прашања, како што е факт дека претерано очекува да му се одговори веднаш, сосем јасно, сигурно и потполно вистинито, а тие исти одговори да му послужат како раководни принципи за неговото живеење во општеството и светот.
Одговорите, свесно или несвесно, во зависност од душевната состојба во која се наоѓа младиот човек, или пак од преокупираноста со соодветни желби и идеали, наоѓаат своја рецепција во свеста на младиот човек, и може да се случи, а тоа и бидува, да станат мото на живеење. Тоа покажува колку одговорите можат да бидат вон концептот и интенциите на мислите на авторот на таквите одговори.
Тоа пак води кон размислувања за одговорноста и совесноста што треба да се покажат во однос на поставувањето на прашањата и одговорите што треба да се разјаснуваат, како во нивната аподиктичност и проблематичност, така и во далекусежните последици од несовесното, искривеното и лековерното преземање и пренесување на одговорите.
Како што веќе посочивме, мора да се земе предвид фактот дека младиот човек, без оглед дали е јавно и гласно, или пак самиот во себе, во својата интима, поставува многу прашања и се труди да се одреди себеси во низата проблеми и одговори. Со еден збор речено, да се лоцира и да се идентификува себеси во општеството и во сеопштото постоење во вселената.
Ова по малку изгледа како претерување. Но, се работи за насушна потреба на која не се обрнува доволно внимание, ниту пак се има некој респект, туку најчесто се обезвредува во стилот: таквите преокупации за младиот човек се непотребни.
Често се мисли, како што расудуваат родителите, па и наставниците, дека тоа е „незрел“ период во развојот на психичкиот живот на младиот човек, кому не треба да му се посветува многу внимание и дека е доволно да се рече: „Гледај го животот, гледај од што живееш, остави ги тие прашања“. Всушност, по линија на најмал отпор ( а можеби и поради сопственото незнаење и несоочување со себе) родителите, возрасните и наставниците ги одбегнуваат ситуациите кога треба да се одговори на прашањатана младиот човек.
Ваквото одбегнување или настојувањето да се сврти вниманието кон „други страни“ на животот, всушност ја апострофира сета интелектуална летаргија, конформизам и дефетизам што најмногу го погодува младиот човек; на кому во училиштето и на факултетите, најчесто, му се зборува за оформување на самостојна, самосвесна, критична, демократска и отворена личност.
Затоа, во ниеден поглед не може да се прифати ставот да се одбегнува да се дискутира за сите прашања за смислата на постоењето, односно за вистината на животот. Зошто, на крајот на краиштата, дилемите со кои се соочува младиот човек не можат туку – така да се елиминираат со ноншалантна поза на сигурност и обезвреднување.
Напротив. Може да се рече само спротивното – прашањата се поставуваат во оваа или онаа форма, во оваа или во онаа ситуација, но секогаш останува истата дилема; како да се пристапи кон нив, на кој начин да се прифатат одговорите и колку тие можат да се живеат, односно да станат филозофија на живеење.
Најилустративно, ова може да се согледа од карактерот на прашањата што најчесто се поставуваат, односно на проблемите што се преживуваат низ живеењето, што адолесцентот, во своето освестување, мошне изненадувачки и пластично ги доживува, макар што не можат да се искажат така јавно и гласно (за што е потребна храброст и лична созреаност), заради привидната јасност на работите за животот што ја поседуваат возрасните луѓе.
Кога би се обиделе некако да ги класифицираме прашањата кои младиот човек си ги поставува (без оглед дали пред себе или пред другите), најверојатно би дошле до одговорот дека проблемите се од онтолошко – антрополошки и егзистенцијално – етички аспект. Ова покажува колку е невозможно да се даде одговор на некои етички проблеми, а претходно да не се одговори на прашањата од онтолошко – антрополошки аспект. Исто така, невозможно е да му се пријде на некој егзистенцијален проблем (што често се редуцира на површно економско – социјално третирање), а да не се навлегува во суштинската психолошко – антрополошка експликација и онтолошкиот пристап кон егзистенцијалната проблематика на живеење.