Горјан Милошевски, „Секогаш со опозиционерски став…“

Професоре, оди во мир! Секогаш со опозиционерски став за многу работи. Разбуди критичка мисла, аналитичност кај мал милион луѓе. Секогаш инспирација. Слава ти!


(Фејсбук статус на авторот; преземено од okno.mk.)

Ѓоко Здравевски, „Малку е ако кажам…“

Малку е ако кажам дека Сидо ми беше омилениот професор: на многумина ни беше. Во средно се собиравме по дома и на VHS ги гледавме неговите филмови. Последното предавање што го слушав кај него во Корчагин, тоа предматурското, кое беше надвор од програмата и за кое немаше испрашувања и писмени работи, беше некакво наративно јадро што го смени текот на мојот живот. Додека го слушав како ни зборува за значењето на матурата, за личната одговорност и за последиците од одлуките што ги носиме, одлучив дека натаму ќе продолжам таму каде што сакам јас и дека ќе студирам тоа што сакам јас, а не тоа што сакаат другите околу мене. По 16 години тоа предавање сѐ уште го носам со себе, сѐ уште го раскажувам, а идејата за личната одговорност ја пренесував таму каде што ми беше дадено да пренесувам знаење и искуство. Душата кон светлините, професоре, и вјечнаја памјат.


(Фејсбук статус на авторот; преземенo од okno.mk.)

Владимир Јанковски, „Симбол на интензивен културен живот…“

Стефан Сидовски како ретко кој беше посетител на голем број разновидни културни настани. Симбол на едно интензивно културно живеење на Скопје од средината на деведесеттите години од минатиот и првите неколку години од овој век. Ненаметлив, критичен без трошка злонамерност во она што го кажува, полн со емпатија и луцидност кон опкружувањето.


(Фејсбук статус на авторот; преземенo од okno.mk.)

Лазар Фотев, „Се почувствував слободен…“

Имаше 27 години, а јас имав 17 и веднаш на самиот почеток од неговата професорска кариера се спријателивме. Првиот час кога дојде рече: ’Кој сака да слуша може да остане, кој не сака може слободно да излезе надвор без проблем‘ што во тоа време беше незамисливо. Всушност, ми остави голем впечаток и јас му пријдов за да му побарам книга што би ја читал, а тој ми го даде делото ’Етика‘ од Спиноза. Тоа беше една од најважните случки во мојот живот, бидејки беше водилка на целото мое понатамошно живеење… Еден ден, не се сеќавам за точно кој предмет, но тој ден не бев подготвен за час. Тогаш кога се бегаше, се бегаше цел ден, едноставно ’киднуваш‘ од училиште. Но следниот ден се сретнавме на раскрсницата кај Црвениот крст и проф. Сидо ме прашува: ’Каде беше ти на час вчера?‘, а јас му одговорив: ’Избегав‘. Веројатно да бил некој друг професор да ме сретне и да ме праша, јас би се правдал дека сум се заглавил во лифт, дека имав температура или некои други одговори… меѓутоа кога тој ме запраша се почувствував слободен да ја кажам вистината и затоа кажав: „Избегав – точка!“


(преземено од текстот „Професорот од Корчагин“ од idividi.mk)

Игор Иванов – Изи, „Извонреден професор…“

Стефан Сидовски-Сидо е најдобрата причина поради која јас продолжив да се занимавам со филозофија и со филм. Низ годините постојано го среќавам и до ден денешен, после децении како што би се рекло, сѐ уште зборуваме на тие две теми, филозофија, филм и малку политика. Тој беше извонреден професор, не знам дали во Македонија се случило такво нешто и тешко, велам – дај Боже, но тешко дека скоро ќе се повтори. Затоа што, она што го зборуваше и она што го живееше беа во една синергија… Кога ќе се присетам на предавањата, се сеќавам на еден момент кога државата, т.е. Секретаријат за образование во тоа време, донесе одлука за да го исфрли од училиштето и да му го прекине работниот однос, затоа што држи предавања што се косат со воспоставените принципи и програма, што не беше точно. Неговите предавања беа ултра-прогресивни, но тие кратки умови не можеа да разберат во тоа време и се сеќавам дека целата генерација на деца станаа и го одбранија.


(преземено од текстот „Професорот од Корчагин“ од idividi.mk)

Back to Top