Последниот запис на Сидо

Иако телото на Стефан Сидовски беше пронајдено на 4 јули – денот и кога беше обзнанета веста за неговото заминување од овој свет – сосема е веројатно смртта да настапила и повеќе од цела седмица порано, од кога и датира записот подолу (25 јуни 2019 година). Барем засега, низ целата пишана оставнина на Сидо, никаде не беше пронајден запис со подоцнежна дата, а ревноста и дисциплинираноста со која професорот секојдневно ги заведувал своите размисли низ годините (речиси никогаш нема пропуштено ден без да напише барем еден збор во некоја од своите тетратки) нè наведува на заклучокот дека судбината веројатно и му ја ускратила можноста да додаде уште некоја реченица после неколкуте препишани подолу. Во една од своите дискусии по повод циклусот Мисли за размислување, Сидо шеговите има речено дека, низ неговите страници, провејуваат повеќе неодговорени прашања отколку болести и неправди во историјата на луѓето. Сосема соодветно, и неговиот последен запис завршува со неодговорено прашање, и тоа едно од оние што го мачеа целиот живот: дали е можно да се создаде општество по мерка на човековите потреби и желби? Отсуството на одговор – што не е постаро само од Сидо, туку и од фениќанската азбука, а можеби и од цивилизациите крај Нил, Тигар и Инд – може да биде толкувано или како признание на целосен пораз или како покана за натамошно истражување. И покрај повремената резигнираност – како што, впрочем, сведочат овие тетратки – професорот најчесто се одлучувал за втората интерпретација, макар и само во име на пркосот. Од: Размисли за самоуправувањето како израз на љубов ii.71, стр. 5:

Меѓучовечките односи ќе бидат изменети и променети кога меѓу нив нема да посредуваат сите досегашни оттуѓени облици на власт, управување, државни институции, право и морал, обичаи и вера, купопродажба, т.е. кога разменскиот однос ќе исчезне во неповрат и на негово место ќе дојде односот дарување на секој со секого преку својот труд и работа. Зашто само кога секој секому подарува без принуда може да се зборува дека секој живее како слободно суштество во слободна заедница. И само тогаш можат да исчезнат сите облици на стравување на секој од секого и сите форми на криминал и корумпираност. Но, сето ова е изводливо само доколку човештвото најде начин да ги задоволи потребите и желбите на сите човечки суштества. Можно ли е?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to Top