Од: Мисли за размислување li.6668, стр. 1-3 (13 август 2003 година):
Збогум човеку!
Ти си трагично суштество зашто си поставуваш да оствариш утопија и правда слобода и убавина, добро и љубов, а самиот си комично, гротескно и фарсично битие што е неспособно да живее во хармонија со себеси, а камоли да остварува возвишени идеали и да учествува во создавањето на величествената химна и ода на радоста и убавината; ти не можеш ниту да се справиш со сопствените страсти и пороци на кои им робуваш до степен на беда и мизерија, до степен на живуркање на светов, на оваа планета Земја.
Збогум човеку!
Ти си суштество на противречности. И сè додека си со потреби и желби, со страсти и пороци, со его и ум – сè дотогаш си и остануваш да бидеш трагикомично суштество на беда и мизерија на постоењето.
Збогум човеку!
На оваа планета Земја ќе се редат, појавувајќи се и исчезнувајќи, илјадници цивилизации и култури, но сите само ќе го повторуваат следново како рефрен: „Човештвото не е способно да живее во слога, хармонија, единство, не е способно да биде едно со ( ),1, да ја искуси Вистината на Сè-со-сè-и-сè-во-сè. А без овие онтолошки основи и цели, ниеден човек не може да биде слободно суштество и жител на идна утопија. Затоа и не може никогаш човештвото да создаде заедница на слободни единки, заедница на доживувања, творештво и убавина, заедница кон која се стреми низ целото своето постоење.
Збогум човеку!
Остануваш да бидеш скот, беда и мизерија, остануваш да бидеш суштество што се залажува и си вообразува дека е љубопитно и вистинољубиво; со својата наука, техника и технологија создаваш изуми со кои божем го олеснуваш животот и се цивилизираш; со своите религии и философии божем постануваш мудар и слободен и божем ја осознаваш вистината; а само со уметноста си играш, само со уметноста создаваш творби на вистина и убавина низ кои повремено ја надминуваш неподносливоста на постоењето.
Збогум човеку!
Остануваш ли да бидеш само човек – тогаш си беда и мизерија. Се надминуваш ли – тогаш си на пат да станеш слободно суштество.
БЕЛЕШКИ
- Сидо често користи празнина меѓу две загради за да ги означи, едновремено, и метафизичката празнина на постоењето и апсурдноста истата да се пополни со разно-разни имиња отсечени од секаква смисла и суштина. На идејата се досетува во своите доцностудентски денови и првпат ја изразува во рамките на еден текст од креативна природа од 1970-та, песната „За ( )“, во чии заклучни строфи и наведува неколку од имињата со кои луѓето залудно (и само за сопствена утеха) ја пополнувале празнината: „И тогаш рекоа Мислата и Животот: нашите деца се служат со овие имиња: Бог, Дух, Ништо, Нешто, Материја… И ќе ги има и многу други додека ние постоиме. Но, прашањето што никогаш нема да им даде мир ќе биде ова: ’А зошто е сето тоа така?’ Кога ќе најдат одговор на тоа прашање, тогаш можеби ќе дојдат и среќните денови, можеби ќе дојдат, можеби…“