Снимањето филмови како животна утеха

Во следниов краток дневнички запис од 24 јуни 1973 година (Дневници бр. 2, стр. 167-8), покрај неколкуте белешки по повод снимањето на краткиот (и подоцна награден) игран филм Еден ден ден во животот на . . . (сценарио), Сидо попатно прибележува и еден свој чест впечаток, повторен многупати низ неговите идни записи – тој дека снимањето филмови му е најголемата утеха во животот.

Со секое снимање на аматерските филмови – и покрај сите маани со кое е пропратено заради ограничените технички услови и неможноста истото да се доведе до совршенство – јас се уверувам во точноста на нешто што одамна сум го почувствувал: тоа дека создавањето на филмовите (да не речам, создавањето на самата уметност, зашто сè уште ги немам вештината и правото да кажам нешто такво) претставува, барем за мене, најголемата утеха во животот.

Денес го снимав својот аматерски игран филм Еден ден во животот на . . ., во кого главните улоги ги играа Столе [Апостол Кипровски] и Ристена [Пановска]. Неверојатно колку лесно се одигруваа сцените – и ова се однесува особено на Ристена и покрај тоа што таа првпат застанува зад камера! Таа толку слободно си игра што напросто и самата си додава, така да речам, самата си ја доградува улогата.

Одлично се одвиваше снимањето; просто кажано, уживавме сите тројца во него. Но, она што најмногу ме загрижува е светлото: беше слабо, па може да се случи филмот – којшто се снимаше во боја – да не биде доволно осветлен, односно да не биде технички задоволителен. А тоа е секогаш болна страна на аматерскиот филм и на секој аматер кој се стреми кон технички перфекционизам, бидејќи токму техничката страна на филмот е услов гледачот – барем оној што е симпатизер на аматерскиот филм – да може да го следи филмот и да ужива во она што тој го прикажува, без притоа да негодува и да биде разочаран од прикажаното.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to Top