Златко Ѓелески и Тамара Котевска за Сидо

Краток извадок од интервјуто на писателот и филмски критичар Златко Ѓелески со македонската режисерка Тамара Котеска, оддржано на 4 март 2020 година, во рамки на 430-тата епизода од емисијата Danse Macabre на радио „Канал 103“. За полесен прочит, транскриптот е делумно редактиран и не соодветствува во целост на усно искажаните зборови.

Златко:

Колку режисерката има етичка одговорност кон снимениот материјал?

Тамара:

Во која смисла?

Златко:

Во поглед на тоа што би можел филмот да предизвика како ефект и во поглед на тоа каков е третманот кон ликовите во самиот филм? Во поглед на рецепцијата – т.е., како луѓето би гледале на снимениот материјал – и од друга страна, каков е авторскиот третман на одредена проблематика којашто се разработува и почитта кон самите ликови?

Тамара:

Па, мислам дека човекот којшто најмногу ми има помогнато да си дадам одговор на ова прашање бил Стефан Сидовски, за време на процесот на снимање на краткиот документарен филм за него. Значи, јас имам многу научено од тој човек. Дефинитивно.

Златко:

Сите имаме.

Тамара:

Да. Кога почнав да го снимам тој филм – ми беше прв документарен филм – бев доста млада и бев обземена од огромна почит, па дури и страв. Значи, како ли ќе го снимам јас овој човек?

Златко:

Така.

Тамара:

Јас му го кажав тоа. Му пристапив со „Јас сакам да снимам филм за вас, ама како јас за вас да снимам филм?“ Ми рече: „Ти мене сега ме гледаш како лик од филмот. И крај. Јас стојам на располагање за сè. Тоа што ти ќе го избереш на крај – тоа си е твое.“ Огромна беше поддршката и убава можноста да се види што значи да се работи со човек кој нема маски, нема потреба да сака да биде претставен во некакво светло…

Златко:

…подобро од тоа што е, да, да.

Тамара:

Да. Имаше еден момент кога му пуштив некоја од првите верзии на филмот и го прашав: „Ама многу ми е страв дали ќе се долови – и ги употребив токму овие зборови – дека сте и генијален и луд?“ И тој ми рече: „Па, кој како сака нека си го сфати.“

Златко:

Така, така. И двете страни треба да се опфатат. Да, да…

Тамара:

Да. Немаше перцепција, никакви резерви спрема тоа како ќе биде претставен. И тоа многу ме научи. За целиот пристап. Пред сè, како одбираш ликови за документарен филм…

Златко:

Да, да, многу непосредно, да.

Тамара:

…како и за игран, нормално. Бидејќи, едноставно, тој човек ми ја посочи разликата меѓу, нели, реалниот лик и ликот од филмот. Без разлика што тоа беше документарен филм. Значи, ликот од филмот луѓето можат да си го толкуваат како сакаат. И ти треба да им го дадеш правото на тоа.

Златко:

Така… Не, одличен педагог, пред сè, одличен познавач на филмската уметност и човек којшто имаше што да каже и го кажува и натаму. Сè уште живеат неговите филмови, без разлика на тоа што не е помеѓу нас.


Златко Ѓелески (1986) е радиоводител, филмски критичар и еден од ретките хорор-автори во македонската книжевност. Досега има објавено три книги: Морбидизам (2013), Колекционерот на страв (2015) и Понор (Скопје: Бегемот, 2018). На неговиот Јутјуб профил може да се најдат стотици филмски и телевизиски критики, како и десетици интервјуа со видни личности од македонската културна сцена.

Тамара Котевска (1993) е македонска режисерка. Во рамки на своите студии на Факултетот за драмски уметности, како испитен филм по предметот „Филмска и ТВ режија“, го снима краткиот документарен филм Сидо, филм за човек кој живее за филм. Покрај него, ги има снимено и StudAnts, Free Hugs, Paw Law и, заедно со Љубомир Стефанов, Езеро од јаболка. Во 2019-та година, Котевска и Стефанов го режираат критички уважениот и наградуван документарен филм Медена земја, единствениот во историјата на Оскарите со номинација во категоријата „Најдобар филм од странско говорно подрачје“. Моментно работи на својот прв долгометражен игран филм, Man vs. Flock.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to Top