Влатко Галевски, „Сидо – филмскиот Маркез“

Последно простување на филмскиот критичар Влатко Галевски со Сидо. Под насловот „Сидо – филмскиот Маркез“, текстот е првпат објавен на civilmedia.mk на 8 септември 2019. Го преобјавуваме овде, сосема благо уреден:

„Образованието, какво што е сега, има за цел само да создава (а најчесто тоа не му успева) лојални граѓани на системот кој е на власт, контролиран и лесен плен за манипулација.“ Така велеше Сидо. Ќе се осмелам да кажам дека беше во редот на најретките и најжестоки критичари на недемократијата. Филозофијата и филмот беа само формите и алатките кои како педагог ги практицираше и од кои ја извлекуваше суштината и значењето на слободата. Филозофијата ја користеше за попластично толкување на филмот, а филмот го користеше како визуелен инструмент за толкување на слободата. Потрага по слободниот човек.

На почетокот на секоја учебна година во гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“, професорот по философија Стефан Сидовски пред своите ученици од четврта година доаѓа со својата уникатна маица на која на германски пишува: „Секој човек има своја авантура“ – реченица од еден филм на Вим Вендерс. На последниот час, на крајот од учебната година професор Сидо носи друга маица со натпис Playtime (наслов на филм од Жак Тати). Ова се двете клучни пораки кои Сидовски на необичен филозофско-филмски јазик им ги упатува на идните полнолетни граѓани, обидувајќи се на метафоричен начин да ги соочи со нивната иднина.

Со Сидо сме разговарале безброј пати. Во разни пригоди и на разни теми. И приватно и „службено“, особено по филмските проекции во дебатниот клуб „Лале“ во МКЦ последиве четири години. Со својата егзактност, супериорност во познавањето на теориската и историската филмска материја, правеше да биде задоволство да се слушнат неговите „завршни зборови“ за вреднувањето на некој филм. Постојано ги изнаоѓаше вистинските аргументи – кусо и лаконски, а прецизно и авторитативно.

Но Сидо, на некој начин, беше и енигматичен. И покрај дружељубивоста и комуникативноста – која природно беше негова педагошка „обврска“ – некако „филозофски мадро“, тој си ја чуваше својата приватност. Се чини дека тоа беша и клучот за дефинирање на неговата слобода. Во една прилика ми рече: „На моите ученици и студенти (на ЕСРА) им велам – за вас единствен проблем во животот ќе биде да бидете зрели, а зрелоста ќе ве научи како да бидете слободни.“

Сидо-философот ги почитуваше Русо и Монтескје. Со тоа и се самодефинираше како „Благороден дивјак“, критичар на цивилизацијата и апологет на слободата. И затоа Сидо велеше: „Самосвеста е најефикасно орудие против репресијата, а ако сме дозволиле власта да донесува одлуки за нашите животи, можеме да се сметаме за идиоти“.

И неговиот филозофски гнев – оној кој го потенцираше во своите кратки но жестоко критички обоени филмови – беше насочен кон политиката и кон политичарите. И пак ќе го цитирам: „На оваа планета постојат четири профили или типови луѓе кои ги носат сите одлуки за нашиот живот: политичари, бизнисмени (трговци), банкари и генерали. Нека звучи и патетично, но тоа се четирите коњи на апокалипсата. Онака, болшевички, би ги построил на ѕид и – да ги нема“

Последното кафе, своевиден филмски епитаф на Сидо, го дефинира неговото слободарско кредо. Простете, но морам да си ја прераскажам филмската метафора од филмот на Сидо: „Да, мене ме принудија да ставам пиштол на слепоочницата, но нема да им го пружам тоа задоволство, нема да окинам, ќе си заминам во мојот правец, во вечната слобода…“ Последната филмска желба му беше да го гледаме и да дебатираме за филмот Јас сум Куба (Soy Cuba) од 1964 година, снимателското и режисерското ремек-дело на Сергеј Урушевски и Михаил Калатозов.


Влатко Галевски (1949) е филмски критичар и музичар. Бил долгодишен уредник на видеоизданијата на „Македонија филм“, на филмската програма на А1 ТВ и автор/водител на три реномирани емисии посветени на филмот: „Синема“, „Синеманија“ и „Слушајте филм“. Едновремено, бил член и на неколку музички состави (октет „Македонија“, „Октоехос“, „FYROM Experiment“), коавтор на музиката во експерименталниот филм Маклабас на Ацо Станковски (1998) и уметнички соработник на Македонската филхармонија за неколку концерти на филмска музика. Има напишано повеќе од неколку стотици филмски рецензии и две монографии: Исповедни финеси (Скопје: Или-или, 2015) и Фацерија (Скопје: Форум, 2004); вторава содржи своевремен портрет и на Сидо на кој и се потпира горниот in memoriam.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to Top