Стојан Синадинов, „Збогум професоре! In memoriam: Стефан Сидовски – Сидо (1946-2019)“

In memoriam за Сидо на филмскиот критичар Стојан Синадинов. Tекстот е првпат објавен на 4 јули 2019 на официјалната страница на Кинотеката на Северна Македонија; меѓу елипсите (и овде и изворно) поместен е извадок од статијата на Синадинов за „шиткачите и тапкарошите“ на старо Скопје од 4 март 2019:

Замина легендата на аматерскиот филм во Македонија и еден од најомилените професори по филозофија и филм, Стефан Сидовски. За неговите ученици, почитувачи и пријатели, едноставно – Сидо.

Кога ќе кажете Сидо, тоа веќе е синоним за неверојатна посветеност на филмот. Заљубеник и занесеник по филмот од рана возраст, пред извесно време ни раскажа што сè бил подготвен да направи како младо момче само за да може да изгледа некој филм повеќе во скопските киносали.

…Како момче на 13-14 години „залудено“ од филмот, Сидо бил дел од тогашната кино-еуфорија:

Еден од најпознатите „тапкароши“ беше Цане, који имаше тајфа од 10 деца кои купуваа билети за него, а меѓу нив бев и јас. Цане го држеше бизнисот со „тапкање“ билети пред кината „Вардар“, „Култура“, „Балкан“ и „Младина“, понекогаш и кино „Карпош“, додека кината „Братство“ и „Напредок“ ги држеа други „тапкароши“. Како функционираше „тапкањето“? Дозволениот максимум беше 5 билети по човек, и сите ние „луѓе на Цане“ пред проекцијата за кино утро ќе купевме по 5 билети за вечерните проекции, и му ги предававме на Цане. Тоа се 5о билети. И вечерта, посебно кога на репертоарот беа љубовни и мелодрамски филмови, пред кината беше полно, се бараше билет повеќе. Момците дојдени со девојките, немаат каде, мораа да купат билети од Цане, кој им ги препродаваше по двојно или тројно повисока цена. Првите 5 реда во кината беа најевтини, а најскапи беа последните 5 редови и ложите. Мојата награда беше што добивав билет за кино без пари, а имав и пари за во слаткарница и фишек семки…

Сидо ја раскажува понатамошната судбина на „тапкарошите“:

Цане беше господар на „тапкарошите“ десетина години, јас во таа шема учествував година-две, видов дека можеби ќе застранам и во криминал, па се повлеков. Имаше конкуренција меѓу „тапкарошите“, па не ретко се случуваа тепачки за освојување територии. Од друга страна, пак, имаше еден висок и корпулентен милицаец, како што тогаш се нарекуваа чуварите на јавниот ред и мир, чиј терен беше просторот пред овие кина, и постојано ги бркаше „тапкарошите“. Тој и другите милицајци го знаеа Цане и со што се занимава, постојано го опоменуваа, и еден ден го снема Цане – го однеле в затвор! По неколку години минати во затвор, по земјотресот, Цане повторно се појави на тој простор пред кината, но веќе беше друг човек, физички пропаднат и полуден. Не ја знаевме целата вистина, се раскажуваше дека бил многу тепан в затвор, но набргу потоа Цане заврши во болницата за душевни болести во Бардовци.

Сентименталната исповед за предземјотресната филмоманија Сидо ја завршува со податокот дека скопјани прв пат виделе телевизори во излозите на продавниците за бела техника, и на нив била емитувана италијанската програма РАИ. Телевизорите влегле во домовите по земјотресот, а Сидо продолжил да оди в кино, некогаш и по пет пати дневно…

Биографските податови велат вака: Д-р Стефан Сидовски е роден на 3 октомври 1946 год. во Скопје. Студира филозофија, а естетика слуша кај професорите д-р Павао Вук Павловиќ и д-р Георги Старделов. Во 1973 год. се вработува во гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин”. Во 1995 година магистрира со трудот Естетската суштина на филмскиот кадар, а во 2001 год. докторира на тема Естетиката и дијалектиката во монтажата на филмот. Уште од гимназизки денови се занимава со аматерски филм, прво самостојно, а потоа, како член на киноклубот „Камера 300″. Од 1975-та е член на „Академскиот киноклуб”. Го носи звањето „Мајстор на аматерскиот филм”, највисоката титула што ја доделува Кино сојузот на Македонија. Со своите филмови учествувал на многу меѓуклупски и меѓународни фестивали на кои бил наградуван, а некогаш и забрануван.

По 36-те години поминати како професор во гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“, предаваше и како вонреден професор по историја на филм и теорија на филм во ЕСРА.

Беше режисер и глумец во своите аматерски филмови, а има и еден краткометражен професионален филм. Сидовски е познат како омилен и инспиративен професор, кој будеше филозофска и прогресивна мисла кај бројни генерации ученици.

Автор е на десетици филмови, меѓу кои и Контејнер (2010), Полуден револуционер (2016), Raison d’etre (2015), Големиот водач (2007), C’est la vie (2016). Неговиот последен филм објавен на Јутјуб е насловен Последното кафе. Не барајте во него тестаментарни пораки, иако, секако, ги има: „умираше“ Сидо и во други негови филмови, бидејќи филмот за него беше живот. Сидо беше од оние филмофили за кои филмот беше како дишењето воздух за сите нас останати.

Го знам тоа, затоа и го кажувам. Бев ученик во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“, а Сидо не ми беше професор. Сеедно, заедно со неколку други млади заљубеници во мудриот збор и филмот, одевме на неговите часови во други класови. Впрочем, Сидо веројатно беше единствениот професор кај кого учениците не само што не бегаа од часовите по здодевно конципираниот предмет, тогаш наречен „Марксизам“, туку секогаш имаше „вишок“.

Затоа и ни беше чест да статираме во еден негов аматерски филм, кој го снимаше пред 35 години, некако токму во ова годишно доба, на завршетокот на учебната година…

Во неколку интервјуа Сидо имаше обичај да каже дека жали само што образовниот систем никогаш не ја сфати неговата неконвенционална идеја за поинаква иницијација на младите во реалниот живот. Сидо велеше дека кога младите ќе се запишат во средно училиште, првиот месец не треба да дремат во училишните клупи, туку да го запознаат реалниот живот. Тој првиот ден би ги одвел на гробишта, бидејќи таму завршува сè; вториот ден би ги одвел во родилиште, третиот во музеј, четвртиот в кино, петтиот во театар, шестиот во центар за лечење од зависности и тн.

Ниту еден септември не започна со таа негова идеја. Нема да започне ниту наредниот септември, но сите ние што овој септември повторно ќе дојдеме на проекциите во киносалата на Кинотеката многу добро ќе го осетиме духот на еден од нејзините најредовни посетители.

Погодувате? Сидо.


Стојан Синадинов е филмски критичар и соработник на Кинотеката на Северна Македонија.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to Top