„За философијата, образованието и сексот“: интервју на Мери Цветковска со Сидо

Правено во пролетта 2018-та од страна на Мери Цветковска – ХЕРА координатор, правник, активист и поранешен ученик на Стефан Сидовски – интервјуто во продолжение е првпат објавено на reborn.mk на 5 април 2018 година. Го преобјавуваме во целост, со ситни прилагодувања за потребите на оваа страница.

„Film is beauty“ – така накратко Сидо ја опишува својата љубов кон филмот. А со подеднаква страст ја сака и философијата, ги сака учениците, ја сака слободата.

Стефан Сидовски-Сидо, после 36-годишната кариера како професор по философија во Корчагин, неуморно продолжува да образува: сега како вонреден професор по филмска историја и теорија на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА. Едновремено, тој сè уште се занимава со гледање и создавање на филмот – неговата втора љубов. И покрај сите промени, транзиции, менување на системи и вредности, тој остана доследен – карактеристика која е непозната за мнозинството.

Преку неговата работа, тој со години гласно ги урива табуата и им пркоси на предрасудите, секогаш настојувајќи да ја искорени омразата од младите. Даскал кој издржа да остане бескомпромисен кога станува збор за образование и морал. Професор кој веќе 40 години едуцира млади, категорија која за жал не е приоритетна во нашата држава. Професор кој со истиот жар му предаваше на првиот и последниот ученик, и покрај сета безнадежност што се шири како чума низ нашата држава. Легендата на Корчагин, за која сè уште не е јасно како е можно до ден денес да ги памети скоро ученици кои поминале низ негови раце.

Ние со Вас ја засакавме и научивме филоСофијата (секогаш инсистиравте да ја пишуваме со С) – љубовта кон мудроста. Што научивте, пак, вие од нас, учениците?

Пред сè, низ дискусиите што ги имав со учениците десетина генерации наназад – поставени во вид на теза и антитеза, а секогаш на истите теми – дојдов до сознание дека низ човековиот ум се провлекуваат истите структури на мислење и размислување. Со други зборови, открив дека многу различни луѓе низ многу различни генерации размислуваат сосема исто за општите човекови и философски прашања, т.е. дека иако упорно човечкиот род се соочува и занимава со истите горечки философски проблеми, луѓето имаат безмалку иста позиција во врска со нив и никако не знаат да ги решат. Тоа за мене е едно големо сознание. Во суштина, философите од истокот и западните философи се разликуваат само во нијанси: прашањата и проблемите кои си ги поставуваат и едните и другите се исти, а тоа што ги поставуваат со милениуми речиси на истиот начин е доказ за нивната нерешливост. Таа останува пред сите нас.

Која е разликата помеѓу првиот и последниот ученик/чка во вашата кариера?

Интересно е да се зборува за ова прашање, имајќи го предвид фактот дека јас мојата кариера ја започнав во еден сосема поинаков општествен систем – социјализам со надеж да еволуира во комунизам – а ја завршив во сосема друг – див, неоформен капитализам, за кого и не јасно оцртана што би сакал некогаш да стане.

Со самото тоа можам да увидам и како овие два општествени система се одразиле врз личната психологија на учениците. Кај првите генерации со кои ја започнав мојата кариера, пред сè, имаше голема верба и ентузијазам, затоа што таква беше и идеологијата, философијата на социјализмот, според која конечно и за прв пат човештвото градеше едно бескласно општество за сите. Социјализмот требаше да биде преоден период кон комунизмот, па насекаде низ светот си ги влечкаше и класните нееднаквости, но се чинеше дека социјалистичките револуции кои се јавија во дваесеттиот век ќе можат да бидат предвесници на некакви големи промени, на посветла иднина.

Тогашните ученици – а и јас како млад професор – искрено верувавме дека човештвото се движи напред, дека историјата е приказна за еден постојан прогрес. Но, со уривањето на Берлинскиот ѕид и со распаѓањето на реалсоцијализмот, многу набрзо по иницијалниот полет, како да настапи едно општо разочарување и депресија низ земјите од поранешниот Источен блок. Најголем дел од луѓето како да се почувствуваа изневерени и како да ја загубија во целост ориентацијата, разочарани затоа што нивните земји не успеаја да го воспостават оној прогресивен капиталистички систем што со децении ни го рекламираше Западот. Наједноставно кажано, сите мислеа дека одеднаш ќе бидат богати, но се соочија со суровата реалност: класните разлики се зголемија, а со нив и немирот. Еве, веќе дваесет и осма година од создавањето на државава и сè уште е таа во транзиција.

Јас си заминав од Корчагин во 2010-та и не можам да речам дека последните генерации беа посреќни од првите. Напротив: последните мои ученици беа осиромашени за нивната надеж, за нивната верба во идејата дека историјата е постојан прогрес; кај нив веќе не постоеше ентузијазам за промена и желба за изградба на светла општочовечка иднина. Ете, тука е големата разлика. Прашањата – како што веќе реков – и натаму остануваат исти, размислувањата за нив се безмалку непроменети; но надежта дека ќе се најдат одговори, кај поновите генерации, е драстично намалена, ако не и безмалку изгубена.

Дали постои прашање кое ве шокирало? Прашање за кое сте немале одговор?

Шок?! Не, такво нешто никогаш не се случило! Но, изненадување – да. Паметам, на почетокот на кариерата, во 1973-та, во Корчагин, во времето на социјализмот и во рамки на еден образовен систем во кој беше незамисливо да се поставуваат прашања за верата, за религијата, или, пак, прашања за Бог (тоа тогаш беше скандалозно, па и казниво со закон), добив прашање од токму таква природа. Знаете, во тоа време, доколку се осмелеше професор да зборува на тие теми или да повика вероучител на час ризикуваше да биде отпуштен од работа. Е тогаш, во една таква атмосфера, на едно предавање по социологија – бидејќи јас, всушност, се вработив како професор по социологија и логика – за време на лекцијата за општествена надградба (каде, според марксистичко учење, покрај уметноста и философијата како наука се вбројуваше и разработуваше како идеологија и религијата), еден ученик ме праша: „Дали сте вие верник, професоре?“ Ете, тогаш бев изненаден и неподготвен веднаш да одговорам. Дури по неколку секунди обликував некој вид на интуитивен одговор.

Кој беше вашиот одговор?

Кога и да ми го постави некој тоа прашање – од тогаш, па до ден денес – одговорот останал ист. Не е ниту краток, ниту едноставен, но ајде вака да го претставам. Во основа, на прашањето од гимназијалецот во 1973-та година му одговорив со ново прашање: „За јас да ти одговорам,“ му реков, „морам прво јас тебе да те прашам: дали знаеш што ме праша? Поточно, дали знаеш што значи да се биде верник?”

Сега тој беше шокиран. Како што често правиме, и тој го поставил прашањето по инерција, без да знае што истото суштински значи. „Сега само следи ме,“ му реков по неколку секунди тишина, „и можеби ќе сфатиш.“ Потоа извикав: „Не верувам!“ Па, молчев. Потоа се свртив кон него и му реков: „Верувам!“ На крајот му поставив ново прашање: „И сега,“ му реков, „што извлече ти од мене?” А тој: „Па, искрено, ме збунивте професоре: час верувам, час не верувам.” Ете, токму тоа: те збунив. Тоа го прават зборовите. „Си играме со нив,“ му реков. „А прашањето дали некој верува во Бог, тоа не е прашање на зборови, туку прашање на дела.“

„За да знаеш дали верувам во Бог,“ продолжив со објаснувањето, „прво тебе треба да ти биде јасно што значи тоа вера во Бог. А ако тоа ти стане јасно, нема да се интересираш да ме прашуваш ништо, туку ќе сакаш да го го погледнеш мојот живот. И не само накратко, туку 24 часа дневно ќе сакаш да гледаш што правам, како постапувам, како се однесувам кон луѓето, кон работата, кон сè. И ако тогаш заклучиш дека моите постапки се во согласност со она што ти го сметаш ’вера во Бог’,  ќе можеш да речеш дека верувам; доколку, пак, забележиш дека многу од нив не се, тогаш – што и да ти кажам – ќе знаеш дека не верувам. Но, проблемот е што ти не можеш да ме следиш, не можеш да ме набљудуваш 24 часа од денот. Тогаш, која е поентата на тоа прашање? И за кого јас го одговарам: за тебе или за себе?“ И тогаш учениците се збунија. Се фатија во набрано. Сфатија дека немаат претстава какви прашања поставуваат.

Колку го познаваме јазикот и дали умееме правилно да го користиме? Дали јазикот „умира“?

Да. Затоа и денес постои таканаречена аналитичка философија, философија на јазикот. Таа не прави некои големи, којзнае какви, увиди во оние вечни философски прашања, но потенцира нешто што длабоко ги комплицира тие прашања – имено, дека кога комуницираме, ние во основа и не знаеме какви значења содржат зборовите кои ги користиме.

Низ историјата, разбирливо, секој збор амалгамирал мноштво значења, но тоа ја прави дискусијата на која и да е значајна тема денес особено тешка. Зашто кој голем збор и да го употребам јас (бог, љубов, вечност, среќа), како би знаел дали оној од другата страна го слуша соодветно и го доживува неговото значење исто како и јас? Што, пак, да речеме за преводот и мешањето јазици – и низ историјата и денес, постојано се создаваат вештачки кованици чие значење е различно во различни земји. Употреби кој и да е од нив во која и да е реченица и реченицата станува загатка – но соговорникот го нема кодот за одгатнување зашто често и не е свесен дека му треба.

Којзнае, можеби науката некогаш ќе овозможи телепатска комуникација. Ако им веруваме на некои од старите учења, луѓето така и се разбирале пред милиони години кога не постоел јазик. И Фројд верувал дека телепатија постои и се обидел да го објасни тој феномен, да му најде научна основа. Доколку се спиритуалните учења, Фројд или научната фантастика во во право, тогаш треба да се стремиме да го замениме еден ден јазикот за телепатијата, бидејќи таа е очигледно најдобрата комуникација. Само таму мислата е директна, се искажува веднаш и инстантно се разбира. Не постои начин да те излажам: да ти кажам едно, а всушност друго да мислам. Денес, особено на социјалните мрежи, сите го прават тоа. Но, да не должам натаму: ти ми постави прашање за три века и тешко дека има некој што може да го одговори.

Како изгледаше вашиот последен час како професор во Корчагин?

Се разбира дека тој час се чувствував особено убаво. Уште на почетокот, на таблата напишав една порака која до ден денес одново и одново ја повторувам. Пораката е единаесеттата теза од Карл Маркс за Лудвиг Фојербах која вели дека философите низ историјата само го објаснувале, само го толкувале светот на различни начини, а работата е тој да се измени. Под неа, јас додадов и едно „како?“ Не го оставив ниту без некаков одговор. Се движеше во следниве рамки.

До ден денес, човештвото нема стекнато никакво знаење како да го прилагоди светот на потребите на сите. Кога зборуваме за прилагодување на потребите, зборуваме и за менување и еволуција на меѓучовечките односи. Зборуваме и за надминување на потребата од Хобсовиот Левијатан, чудовиштето што се раѓа кога индивидуите ги предаваат своите слободи и моќи на нивен заеднички господар, кој потоа добива право да им наметнува закони за општото добро. Всушност, напротив: тоа чудовиште потоа ги јаде како сопствени жртви.

Државата е Левијатан. Впрочем, самата потреба од држава покажува на колку низок степен на развој се наоѓаат човекот и човештвото. Државата е чудовиште, стап, принуда. Зарем не можеме да живееме без неа? Тврдиме дека сме исклучок од останатиот жив свет и се фалиме со нашата свест, а, ете, не сме во состојба да живееме слободно во заедници на слободни луѓе без принуда. Зошто да ни е потребен полицаец да сигнализира дека треба да внимавам кога ќе минувам улица? Зошто да ни е потребен полицаец да нè заштитува од напади, насилства и кражби? Зарем не е, во длабоката суштина на нештата, тој само чувар во некоја човечка зоолошка, во некоја хомоградина што е светов?

Дали мислите дека предрасудите, во суштина, го носат во себе стравот од непознатото?

Токму така. Целата источна традиција, посебно индиската философија, може да се сведе на следнава мисла: „Сите маки и страдања произлегуваат од незнаењето.“ Западната философија, пак – која се базира на јудеохристијанска и исламска традиција – главно верува дека нашите маки и страдања потекнуваат од нашата непослушност, од првобитниот грев. Но, уште Сократ забележува правилно дека човекот греши само од незнаење: „Па, не може човек да знае што е добро, а да не прави добро,“ велел тој, „и не може човек да знае што е зло, а да прави зло.” Е, сега некој ќе одговори дека баш напротив: многу луѓе знаат што е лошо, па сепак постапуваат лошо. На тоа Сократ веројатно би им рекол: „Ама не е воопшто точно дека знаат. Тие можеби само вербално разликуваат добро од зло, но ги немаат овие нешта почувствувани, ги немаат доживеани.“ Тоа ти е приближно како кога на дете некој ќе му каже дека е опасно да чепка во огнот; ама дури и да ја повтори истата реченица, тоа дете нема да знае дека е опасно сè додека не се изгори. Само тој што навистина се изгорел знае што е огнот.

Колку луѓето знаат за сексот?

Малку. Сексот е широка тема и вклучува многу истражувања и области – не само медицинска сексологија, психологија и психоанализа, туку и многу духовни и философски учења кои се занимавале со него низ историјата на човештвото. На пример, тантрата – секакви позиции, стилови. И не само површно. Тантра значи, сликовито и метафорично, „пробив во темнината“, а преведено на разбирлив јазик го опфаќа процесот на пробивање со сопствената свест во длабочините на потсвеста и несвесното и нивно освестувањ, нивно внесување во сферата на свесното, сè со цел да не чувствуваш страв од непознатото.

Една од формите на ослободување е токму преку сексот, еротиката, водењето љубов. Најврвните учења на оваа тема потекнуваат од Истокот, од Индија, од каде и потекнува Ватсјасана, авторот на познатата Кама Сутра. Но, ете, токму таму каде што ја истражувале духовната страна на сексот, денес, на сред бел ден, студенти во автобус силуваат девојка. Каков парадокс! Една Индија, со сите свои врвни учители и учења, спуштена пониско од варваризмот.

За време на моите почетоци како професор, во времето на социјализмот, земањето на невиноста на една девица се сметаше за триумф на машкото его. Познавањата беа на тоа ниво, уличарски. И тоа беше така затоа што информациите за таа област не беа ниту достапни како денес. Кога јас почнав да ги воведувам истите на моите предавања, почнав преку предметот социологија, во рамки на една голема тема: Социологија на бракот и семејството.

Дали имаше реакции од директорите и професорите по тој повод? Дали некој ви пререче дека предавате за секс?

Па, не ни дознаа.

А какви беа реакциите на учениците?

Тие се секогаш заинтересирани. Ама нема кој да им предава.

Кажете ми во пет збора што претставува за вас филмот?

Можам во три: Film is beauty. Види ја маицата што ја носам: ја носам цела година. Види што пишува на неа: Film is beauty.

Што, според вас, претставува стравот од смртта?

Овоземски, стравот од смртта е страв од болка, страв од страдање, од маки. Но, на многу подлабоко ниво, стравот од смртта преставува страв од непознатото, страв од ништото, од апсурдот, од бесмисленоста. Дали ќе траам и понатаму? Дали има нешто после ова? Кога се јавуваат тие прашања, особено во мислите на старите луѓе, истите се пропратени и со едно уште пострашно: дали го живеев животов вредно и правилно? Или ми помина во празно? Сè уште, во некои разговори, постари луѓе ми кажуваат дека жалат што не го одживеале животот поинаку, што не доживеале некој вид на екстаза.

Која е врската која ја наоѓате меѓу филмот и философијата?

Филмот го засакав прв, уште од најрана возраст. Во тоа време бев опседнат со вестерни, со каубојскиот филм. Од него и ги стекнав своите први сфаќања за моралните категории, за поделбата „good guy, bad guy“. По три пати дневно одев во кино да гледам филмови. Сонував дека ќе станам глумец и, на некој начин, тоа и го правам денес преку своите филмови.

Но, потоа, во гимназија, кога првпат слушнав за предметот философија, сфатив дека единствен начин да се спознаам себеси е преку философско размислување. Во тоа време немаше академија за режија и за актерство во Македонија, па откако не успеав во Белград, ја променив одлуката и се запишав на философија. Сепак, поради пасионираноста, влегов и во неколку филмски клубови и продолжив да се занимавам со аматерскиот филм – за што подоцна добро ми дојдоа познавањата од философијата. На тој начин и ги споив филмот и философијата.

Дали е потребно за еден режисер да биде и добар философ ако сака да снима добри филмови?

Секако дека не мора да има формално образование, но, да. Ете, ги имаме за пример Теренс Малик кој е философ по наобразба, Годар со типична сартровска философија, Бергман кој е опседнат со психоанализа и егзистенцијализмот на Кјеркегор, Тарковски и православната философија, а и Куросава со самурајската философија, бушидо кодексот и зен-будизмот. На некој начин, зад сите големи режисери и филмски ремек-дела постои некаков вид на философија.

Има ли прашање кое сакавте да Ви го поставам, а не Ви го поставив? Прашање кое би сте си го поставиле самиот на себеси?

Ајде вака, јас да си го поставам: што значи да се биде слободен? Мислам дека многу се зборува за слободата, а никој не ја сфаќа најдобро. Јас мислам дека човек може да се смета за слободен единствено кога ќе биде апсолутно слободен од сè. Но, тоа не е изводливо во нашиот универзум поради нашето тело и организам, поради нашите инстинкти и потреби, поради тоа што биолошки сме однапред ограничени. Ако е така, тогаш за каква слобода зборуваме? Да се биде само свест што е постојано во екстаза и што никогаш не се досадува? А каков живот, пак, е тоа? Загатка?

Мисла за крај…

Можеме да го проколнуваме животот, можеме да го осудуваме, но тој е единствената шанса што ја имаме да се осознаеме себеси и да доживееме некаков вид екстаза. Најголемиот проблем што стои на патот на ова остварување е човековиот егоцентризам. Човекот, и како единка и како целина, секогаш мисли дека е исклучок од сè. А треба да сфати дека е само уште еден дел од вселената, од природата, од заедницата – од нешто многу поголемо од себе.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Back to Top