Александар Трајковски, „Светот е црно-бел!“

Рецензија на Александар Трајковски на единствениот професионален филм на Стефан Сидовски, Образ („Светот е црно-бел!“, Кинопис 41/42(22-23), стр. 53-55 (2011-2012)). Текстот го преобјавуваме со дозвола на издавачот и на авторот, на кои им изразуваме искрена и голема благодарност. Ако сакате да го видите истиот во изворната печатена варијанта, кликнете на сликата од насловната страница на Кинопис.

Живеењето во одреден систем, подоцна и во посттранзициско општество, не само што нè обврзува туку и нè оптоварува со потребата од негување на социјалните теми, небитно дали станува збор за политички инспирирани или за чисто економски. Историјата на уметноста, во сите нејзини дисциплини и родови, чува посебно место за овие теми, означувајќи ја како борбата, така и копнежот за подобра иднина на индивидуалецот. Ваквиот реализам зазема важно место во развојот на филмот на европска почва, благодарение, пред сè, на идеолошките основи дадени уште за време на Француската буржоаска револуција, како и на Октомвриската револуција во Русија, како значајни моменти за развојот, пред сè, на модерната и современата уметност.

Овој краток, но за мене битен идеолошко-историски вовед би го надоврзал на ликот и делото на еден автор, несомнено важен за македонската филмска историја, автор чијашто уметност и творештво се неделиви сегменти од постоењето на нештото познато како македонска кинематографија.

*            *            *

Стефан Сидовски, кај повеќето познат како професорот Сидо, претставува автор чијшто научно-творечки дијапазон е толку широк, што ни укажува на неговата исклучителна важност во скопската културна средина. Освен како професор по филозофија во средното училиште „Раде Јовчевски – Корчагин“, Сидовски е почитуван, пред сè, како автор, и тоа во секоја смисла на зборот. Имено, неговите две книги Филмскиот кадар и неговата естетска суштина и Естетиката и дијалектиката во монтажата на филмот се еден издржан преглед на обработената тема, кои без размислување би ги вброиле во групата дела на познати теоретичари. Неговото естетско разбирање на филмскиот кадар, неговите елементи и семиотика се разгледувања кои добиваат примена како во теориска, така и во практична смисла.

Во поглед на практичното, Сидовски го среќаваме и како еден од неколкуте мајстори на аматерскиот филм во Македонија. Уште од младоста заинтересиран за магијата на подвижните слики, Сидовски започнува со своите експерименти за филмска екстериоризација на своите филозофски идеи, со парадоксално-политичка конотација. По сè изгледа, неговиот интерес отсекогаш бил умерената, па сепак цврста критика на глобализациското општество, насочена кога директно кон самиот човек, кога кон власта.

Ваков вид критика, Сидовски, овој пат насочена глобално, дава во последното свое остварување, инаку негов прв професионален филм, краткиот игран филм Образ. Образот на човекот неретко се поистоветува со неговото достоинство, лицето со кое човекот се соочува со надворешниот свет, мембраната преку која човековите дејствија влијаат врз критичката страна на општеството.

Образот е главната одлика на достоинствениот човек, меѓутоа истовремено е и неговата најголема клетва. Што преовладува? Ова го прашува и Сидовски во својот филм, посветен на најмаргиналните слоеви на општеството, на оние кои никој не ги забележува, а кои всушност се најголемите херои на градот.

Приказната е за мајката, за мајчината љубов и мајчината борба за подобро утре. Приказната е за честа и чистотата на маргинализираниот човек, кој издржува, кој преживува, кој се обидува да живее нормално. Приказната е за нас, за нашата себичност и нашата незаинтересираност за судбините на другите…

Стефан Сидовски во филмот постапува синтетички. Користејќи го неколкудецениското искуство во областа на филмот, ни дава дело чијашто структура е толку совршено „скоцкана“, водена единствено од камерата и од чистата актерска игра на плејада професионални актери.

Во поглед на содржината, може да се каже дека таа не донесува ништо ново, никаков наративен експеримент, кој би се очекувал од автор од ваков ранг, туку напротив, како приказна е искористено дело кое опишува секојдневна социјална ситуација, без никакви дискурси во генезата на наративот. Критиката на општеството, спомената во погорните редови, е сведена на чиста текстуална структура, пренесена во слика. Дали е тоа лошо? Ќе видиме…

Магдалена Ризова ја игра главната улога, мајката на детето чијшто живот е во фокусот, Ветка. Сосема го поздравувам нејзиниот избор, бидејќи сметам дека трансформацијата на нејзиниот лик во сиромашна, пропадната госпоѓа, чии маки и страдања како да се испишани на нејзиното чело и раце, е неверојатно успешна.

Во првата сцена ја гледаме мајката како ги пере искинатите алишта во ’рѓосано корито и скришум погледнува во екипата која го мери теренот и се подготвува да им ја сруши трошната куќарка, со цел изградба на некаков станбен објект. Уште со првите неколку секунди од овој филм, се откриваат темата и насоката кои ги замислува режисерот, од самиот почеток потенцирајќи ги класните разлики. Во еден момент бизнисменот, игран од Александар Микиќ, откако задоволно се насмевнува на неволјата на несреќното семејство, ја гасне својата пура од земја. Потенцирајќи ја моќта на богатиот и неговата способност да им ја крои судбината на малите луѓе, неговата позиција е надредена, а луѓето се поставени на ниво на згазениот отпушок.

Мајката е маченик, но таа има образ тоа да го скрие. Таа можеби проси, но не дозволува другите да го знаат тоа. Таа би одела да земе леб во народната кујна, но само доколку носи капа која ќе ја скрие. Таа толку го сака својот син, што не го кара за лошите работи кои ги прави, туку го казнува со гладување и тажен маченички поглед, пред кој секој би се натажил и засрамил.

А синот? Синот е секое дете кое потекнува од работ на општеството, кое се наоѓа на пресвртен дел од животот. Мизерната финансиска состојба, немоќта пред богатите и влијателните, срамот од скинатата облека и жал за страдањето на мајка си, и пред сè желбата за подобро утре, ќе го доведат до избирање погрешен пат во животот. Тој, иако неискусен и наивен во криминалот, се решава да ѝ ја украде чантата на една госпоѓа, а потоа и да ограби менувачница.

Иако станува збор за криминален чин, дело кое е спротивно на општествените норми и закони, а воедно и на учењето на мајка му, синот не го доживуваме како негативен и злобен лик, туку се соочуваме со неговата наивност и колебливост во извршувањето на чинот, со што повеќе го жалиме отколку што го обвинуваме.

Оттука повторно доаѓаме до критиката насочена кон општеството, критика за немањето правилна едукација на децата во пресвртниот период од нивниот развој, како и немање интерес на институциите за решавање на социјалните проблеми поврзани со нив. Општеството е секогаш тука да казни, а никогаш да го тргне навреме младиот живот од погрешниот пат. Синот за злоделото ќе биде казнет и затворен, меѓутоа кога ќе излезе тој повторно ќе биде соочен со истата состојба, повторно ќе ја гледа маката на мајка си, повторно ќе треба да проси на улица за парче леб, а вистинските криминалци, оние кои прават матни зделки, кои нелегално уништуваат туѓи домови за сопствен интерес, остануваат неказнети.

Ставајќи ја настрана наративната структура за која нема многу што да се говори, би се задржал на некои формално-естетски елементи, кои мене лично ми паднаа во очи и кои верувам дека се главни носители на естетиката на филмот.

Ќе споменам еден елемент, кој е забележлив при првото гледање на филмот и кој од почеток ми изгледаше проблематичен и непотребен, меѓутоа по второто гледање даде посебен експериментален сегмент, а тоа е неупотребата на дијалог. Од друга страна, пак, како контраст на тоа паѓа во очи претераното акцентирање на шумовите и звуците на градот и природата, како што се лаењето на кучињата, крикот на гавраните, бучавата на автомобилите и сл. Тие се елементи кои паралелно ни раскажуваат приказна, доловувајќи ни ги, необјасниво, синестезички боите и нијансите кои недостасуваат, поради нивното интенционално изоставување.

Значи, имаме филм со приказна, но без зборување. Со слика, но без боја. Со солидна употреба на висококвалитетна камера, а пак формат 4:3. Забележувајќи ги овие елементи, полека ми се открива нишката која ми фалеше, експериментот кој го очекував од овој режисер. И земајќи ги сите овие сегменти, комбинирајќи ги во главата, добивам слика за тоа што, всушност, се случува. Следејќи ги искуствата од големите имиња на филмот, нескромно ќе споменам имиња како Ејзенштејн, Пудовкин, Годар, Сидовски прави обид да ни го пренесе филмот емоционално сервиран. Ние немаме потреба да го слушаме плачот на мајката, или арогантноста на стопанственикот, за да сфатиме дека таа е маченик, а тој никаквец. Ние едноставно го следиме патот на камерата и монтажата, внимателно спојувајќи ги новите секвенци со звукот на околината, сето тоа „скоцкано“ во најстариот филмски формат со златен пресек и заоблени рабови.

Како резултат, добиваме единствено филмско доживување, со пристап несомнено неконвенционален, меѓутоа со тема можеби претерано експлоатирана во наши услови и оттука верувам за многумина непривлечна.

Во секој случај, станува збор за оригинален и правилен пристап за еден краток филм и солиден потсетник за заспаните млади македонски филмаџии во која насока треба да се истражуваат границите на краткиот филм, како и дали воопшто нив треба да ги има.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to Top