Прашања без одговори: тегобности на младиот човек во определувањето на една философија на живот (2005)

КОЈ ДА ОДГОВОРИ

Философот за да биде достоен за почитување треба да проповеда со пример.

– Фридрих Ниче

WordPress Tables Plugin

Младиот човек ќе мора да се фати во костец со самиот себе и со сопствен труд да ги решава проблемите на сопственото постанување личност. Инаку, би требало да очекува од другите да му одговорат, ако не сосем, барем колку – толку да му укажат кон можностите што нудат одговори. Но, се поставува прашањето: „Кој може да одговори на тие прашања“?

Обично, кога се разгледува индивидуата во нејзиниот развој, погледнато како од економско – социолошки, така и од психолошко – едукативен аспект, се зема релацијата семејство – општество, односно семејство – школо – општество. Природно е, индивидуата во својата едукација да е упатена кон оваа релација и мошне многу да очекува. Зошто, на крајот на краиштата, сето тоа треба да води кон оспособување за живот на младиот човек како зрела, продуктивна и творечка личност.

Поаѓајќи од оваа релација, сосем е нормално првите барања да се свртени кон семејството, кон родителите. Но, родителите мошне малку можат да ги разгледуваат проблемите и прашањата, што се воедно и нивни. Со некои исклучоци, обично настанува своевиден судир меѓу родителите и младите кој, во некоја рака, е условен и од неможноста да се воспостави еден отворен, искрен, едноставен дијалог, еден разговор на рамноправна основа со почитување на мислењето за искажаните прашања, како и на почитување на мислењето за искажаните прашања, како и на трудољубивоста да се настојува да се живее осмислен живот.

Отсуството на еден ваков дијалог често доведува до тоа младиот човек да ги сфати таквите проблеми како „табу“ прашања за кои не треба да се размислува. Тоа создава невротична тегобност во него; од една страна чувствува дека таквите проблеми треба и мора некако да се разберат и да се решат, бидејќи нудат некое осмислување на животот и од друга страна, постои некаква срамежлива тесноградост да се зборува со своите родители (кои пак, сосема несвесно со своето ноншалантно и индолентно однесување кон тие прашања даваат до знаење дека „тоа е надвор од животот“.

Ваквиот став доведува то тоа да младиот човек помисли дека со него можеби се случува нешто ненормално, па да западне во малодушност или во агресивна настроеност, што од своја страна

води кон очаеност или екстравагантност, како своевиден начин на несвесно решавање на сопствените конфликти во потрага по сопствениот идентитет и самопотврдување.

Најчесто, родителите се поставуваат во улога на економско – социјални старатели кои својата улога и должност ја гледаат единствено во обезбедувањето на економската страна на егзистенцијата, во „себежртвувањето“ и во протежирањето на своите деца во определувањето на социјалниот статус во општествената структура. Таквиот старателско – туторски однос често води кон едно „нарцисоидно“ определување на идниот животен пат на младиот човек, без да го разбере и да го сфати во неговите тежненија, преокупации и интереси, и некако да му помоне во тоа сам да го најде сопствениот пат во животот. А тоа постојано наметнува некоја реалистичка, сирова, стихијна слика за стварноста, божем со најдобра намера, а всушност доведува револт против таквиот патерналистички став и однесување.

Секако дека овој револт често се толкува како една збеснатост на младиот човек, која произлегува од неговата „презаситеност“ во задоволувањето на материјалните потреби и од тоа што сè му се принесува „при рака и нога“. Но, токму тоа е бумерангот што ги погодува родителите поради нивната преголема загриженост да ги задоволат материјалните потреби и поради нивното гледање на животот низ една дневна прагматичност, утилитарност, стихијна хедонистичност и тврдоглава одбивност кон духовните потреби и кон прашањата за етичкиот идеализам на живеењето. Така, тие револтот на младиот човек го сфаќаат како неблагодарност што им е возвратена, наместо да сфатат дека е тоа нивна сопствена грешка поради дефетизмот во однос на животот со повозвишени стремежи и идеали.

Можеби тоа интимно го сфаќаат, можеби ретроспективно се навраќаат на своите младешки доживувања и можеби низ таквата ретроспекција се обидуваат да ги сфатат своите млади, но сето тоа останува затворено во нив самите со несфатлива упорност да се држат до буквалната сировост на стварноста како божем единствена реалност и вистина, а сè друго е само илузорност и младешки занес кој води кон опијанетост, што треба да се замени со реалистичност и трезвеност во расудувањето.

Затоа, на родителот му останува да ја игра улогата на трезвен и реалистичен мислител кој си вообразува дека се фаќа во костец со вистинските проблеми, а не со оние што се „далеку, далеку од животот“. Оваа реалистичка вообразеност родителите мошне скапо ја плаќаат денот кога ќе доживеат неочекуваности од нивните деца кои трагале по одговорите.

Сето ова покажува дека не може да се гледа со проектирана слика кон младиот човек, со посакување, на индиректен начин, сопствените самољубиви желби да се отелотворат во сопствениот син или ќерка.

Зошто, кога тогаш, сето тоа ќе се врати како бумеранг, а нема да се сфати како сопствена вина, туку ќе му се припишува на младиот човек.

А младиот човек, напротив, ги бара одговорите, и ако не може да воспостави дијалог со родителите, тогаш останува да ги бара на друго место. А во погоре спомнатата релација, следно

место каде ќе се бараат одговорите е училиштето во кое се се минуваат речиси сите млади години, од најраното детство до зрелата младост. Тоа, на некој начин, ја одредува огромната одговорност на училиштето во неговата едукативно – етичка улога и задача.

Училиштето можеби премногу се идеализира во замислата да биде подготовка за животот. Сигурно е дека така често се мисли, но проблематично е да се одговори колку училиштето може да одговори на таквата задача. Зошто, обично се смета дека постои неверојатен расчекор меѓу школото со својот воспитно – образовен систем и животот што се одвива во економско – социјалната и психолошко – моралната страна на стварноста.

Ова многу го погодува младиот човек; не толку со тоа што е така, колку што изгледа дека му се наметнува во училиштето сликата – за – стварноста како слика – на – стварноста.

Оваа слика – за – стварноста како слика – на – стварноста – како – самата – стварност во свеста на младиот човек се преплетува во една конфузност, недистингвираност меѓу мислење за стварноста и стварноста, вистина и лага, идеологија и идеал, научност и утопичност. Не можејќи јасно да го разбере сето тоа и поведен во својата неконтролирана поривност на самосвесно пробудување, младиот човек сето тоа го гледа како неразјаснета наметнатост за која може да се каже дека е некаква измама.

Заради сето тоа и се обраќа до наставниците, доколку е во можност да воспостави дијалог, и доколку наставникот има добра волја, разбирање, општа култура и широкоградост да го појми младиот човек во разјаснувањето на прашањата, проблемите и појавите во секојдневието.

Обично, во можноста да се воспостави искрен, слободен (без никаков страв или принуденост) дијалог меѓу наставникот како човек и ученикот како млад човек, постојат некои пречки кои бараат да се има такт, стрпливост и почитување од страна на наставникот за младиот човек, без оглед каков е тој во своето однесување и постапки. Но, секогаш се наметнува проблемот колку наставникот искрено зборува како човек со свое живеење во однос на истите тие прашања, а колку е тоа школско, научно и „од висина“ зборувано. Всушност, се работи за проблемот: навистина ли наставникот размислува за истите прашања и проблеми што ги поставува младиот човек? Навистина ли е во состојба да даде одговори кои би можеле да се земат како точни и вистинити? Може ли наставникот да рече дека не знае и дека не решил ништо ни самиот во однос на истите проблеми?

Ианку, ако се постави во позиција на човек кој однапред знае сè, за кого тие прашања не претставуваат никакви деликатни проблеми, обично ја открива сета своја фразерштина и позерство во која никој не верува. Тоа е доволно младиот човек да сфати дека наставникот врши само една „службена должност со која зарабтува за леб“. Според тоа, нема што да се очекуваат некакви одговори, ниту пак да се води разговор, тоа би било само формализам, бидејќи зад сето тоа што ќе биде кажано не стои наставникот (а камоли да го потврди тоа со својот начин на живот).

Сето тоа е доволно младиот човек да стекне впечаток дека времето што го минува во средното училиште е изгубено време и останува со нерасчистени прашања и проблеми.

Единствено каде може младиот човек да го искажува своето мислење, без да се грижи за последиците, каде што ќе може емотивно да се „испразнува“, иако не често, тоа е тесниот круг на другари и другарки односно друштвото во кое се движи и живее. Најчесто, тоа е потесен круг според некои интелектуални и емотивни афинитети, и таму младите водат разговори со кои се опфаќаат речиси сите проблеми, гледани од нивниот аспект на интелектуално и емотивно созревање.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to Top