Прашања без одговори: тегобности на младиот човек во определувањето на една философија на живот (2005)

ЗОШТО УШТЕ ФИЛОСОФИЈА?

Смислата на животот не може да биде дадена на човекот, без негово учество… Никој не се раѓа со готова смисла на живот – тоа е работа на избор.

– Лешек Колаковски

WordPress Tables Plugin

Ова прашање, после модерната – т.е., по Втората светска војна, повеќе или помалку, почна да се поставува многу отворено. По обелоденувањето на ужасите на концентрационите логори во Националсоцијалистичка Германија, како и оние во гулазите за времето на сталинизмот во Советскиот сојуз, се доведе во прашање самиот ум (за што Макс Хоркхајмер пишува обемно во своето дело Помрачување на умот). Со други зборови, самата смисла на философијата беше ставена под голем знак прашалник од самата пракса на живеењето.

Но, ова прашање – зошто уште философија? – на еден малку поинаков начин, се јавува и во умот на секој млад човек кој многу брзо воочува дека философијата само открива проблеми, но не е во состојба да ги реши. Прашањето често е пропратено од баналното сфаќање за философијата како дисциплина што се занимава со поставување прашања и анализирање проблеми, но не и сфера која има задача да стигнува до некои решенија и да дава одговори. Но, ваквот сфаќање не е ништо повеќе од оправдување на немоќта на умот да се соочи со големите проблеми, бидејќи истите се од таква природа што го надминува умот во неговата моќ да ги решава. Од овој аспект, не е воопшто чудно што философијата беше редуцирана до лингвистичка анализа на јазикот (како во аналитичката философија), па и не-философија (како во деконструкцијата).

Слично како и овие модерни философи, и младиот човек чувствува дека философијата е неспособна да се соочи со секојдневието, а уште помалку да го измени според мерата на оние вредности што често ги апострофира. И со тоа се чувствува изневерен во своите очекувања, во своите желби да спознае од философијата кој е правилниот начин на живот. Оваа изневера е последица на несфаќањето на младиот човек дека философијата се занимава со истражување токму на релацијата на расцепот субјект/објект и дека, по својата природа, претпоставува рационална, логичка потрага по Вистина(та) со помош на поими без притоа да се запраша дали е воопшто податлива Вистината за поимно истражување и логичка артикулација. Проблематична е идејата дека само со помош на умот може да се мисли и дофати сама-вистината во нејзината целост, како што веруваше Хегел во Феноменологија на духот.

Вистината е дека поимот е ограничен како средство на спознание и искажување по својата природа, исто како што логиката е ограничена во својот потенцијал за истражување на Вистината. Оттука, Вистината го надминува умот. „Кој е приврзан за умот,“ вели индискиот мистик Ошо, „тој не ја гледа вистината за тоа што е вон умот? Сит-чит-ананда, вистина – знаење – блаженство“. Токму тоа го сака и бара младиот човек.

Но, младиот човек не живее во цивилизација изградена според мерата на слободата, туку во цивилизација изградена според мерата на профитот и конкуренцијата; тој не живее во култура структурирана според вредност како љубовта, туку во култура структурирана според идеи како натпревар, слава и обожување. За младиот човек, да се истражува светот философски значи да се биде шизофреник, хипокрит и идиот, значи да се живее наспроти правилата на општествата што не се формирани според мерата на достоинството на човекот и убавината на човештвото, наспроди законите на државите што не се востановени според мерата на правдата и доброто. И сето ова, додека во неговото срце гори желба да се самореализира и да ги одговори прашањата што философијата вечно си ги поставува и никогаш не знае да ги одговори.

На крајот, младиот човек е оставен сам на себе. Тој мора сам да се соочи со светот на ужасни противречност и сам да си даде одговори на некои прашања. Главното е дали ќе биде шизофреник, хипокрит и идиот – или ќе се самореализира себеси. Тој самиот одлучува за тоа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to Top