Крајот на цивилизацијата

Извадок од последниот, исклучително песимистичен дневнички запис на Стефан Сидовски (22 ноември 1992 година; Дневници, бр. 58, подлисток додаден кон крајот на тетратката) во кој Сидо се откажува и дефинитивно од натамошна документација на сопствениот живот, оправдувајќи ја одлуката со потполна разочараност од Европа, САД и Македонија, сосема кратко по падот на комунизмот и само година дена откако нашата држава стекнува независност:

…Некаде на почетокот на 1990 година, бев во една мала еуфорија дека со обединувањето на Европа може да се очекува конечно да заживее и саканата европска култура, позната по сите свои умни луѓе – уметници, научници, философи – како и по својот начин на сфаќање на светот и квалитет на живот. Но, тоа беше кратко, мошне кратко. Зашто сфатив дека сè е интерес! И, еве, веќе две-три години оттогаш, времето покажува дека не може да се има никаква верба во Европа. Секоја чест на нејзините умови, на нејзината литература и уметност, наука и философија – ама нејзиниот однос е пресметан, крајно прагматичен и утилитарен.

Јас не очекувам ништо од Европа, ниту од САД, а камоли од Јапонија; не очекувам ништо ниту од македонската влада или претседател; овде ниту Уставот не значи ништо, а уште помалку правната држава.

Аветот на сиромаштијата и бедата е на прагот и долго ќе ги опустошува овие простори. Се разбира, нема да нè посети сите: за некои луѓе, ова штетно време-невреме е идеална прилика да се збогатат и ограбат. Тие ќе бидат истите оние господа што ќе ја шират во иднина културата.

Факсимил од последната страница од Дневникот на Сидо
Факсимил од последната страница од Дневниците на Сидо

Колку е тоа малограѓански и лицемерно! А што е со обичните луѓе, меѓу кои и јас, што е со сите оние навјасани од сиромаштијата и бедата? Не знам. Не знам! А чувствувам дека нема да биде добро, зашто јас веќе два месеци не можам да се избањам само заради тоа што не можам да купам еден грејач кој и никаде не се продава. Немам ниту доволно пари за да купам на попуст наеднаш цела книга, па морам да ги купувам на две рати. А што да речам, пак, за сопствената облека која веќе десет-петнаесет години не сум ја обновил? Но, да ги оставиме неволјите на страна – нив секој си ги носи на својот грб – и да се запрашаме што е со достоинството на човекот? Како да се живее човечки кога секојдневно сме вовлекувани во нечовечни ситуации од страна на политичарите?

Политика! – во неа не верувам никако и одамна сум расчистил со нејзе. Нација, народ! И тоа веќе ништо не ми значи; и со тоа сум расчистил засекогаш. Цивилизација! Која цивилизација? Сегашнава? Хм, ни најмалку! За мене е јасно како ден: оваа цивилизација е цивилизација на лицемерност. Култура! Да – но само донекаде! Да – но само онаа што не е под закрила на политиката, онаа што не е водена од профит, комерцијални интереси и хипокризија, онаа што не е прагматична и што сè уште го чува автентичното, изворното, слободното, спонтаното и самоуправното во човека, онаа што го чува неговото достоинство. А неа ја има сè уште во некои уметнички дела (секоја чест на уметниците што ги создаваат), во некои философски трактати (секоја пофалба и за нив), во некои научни списи (аплауз за таквите научници), во духовните учења што се полни со искреност и веродостојност (ним само може да им се честита), во трудољубивоста на сите обични луѓе што својата работа си ја вршат чесно и со љубов, во секојдневните меѓучовечки односи на добрина, во убавите доживувања на денот и ноќта, во природата, во вредните нешта што некогаш станале реалност.

Дали овие текстонски движења и пореметувања што се случуваат во светот ги предвестуваат зраците на некоја нова цивилизација и култура на хоризонтот на светот? Тешко е да се каже, ама мора да се очекува нешто такво, зашто оваа цивилизација веќе е удавена во своите лаги за демократија, човекови права и слободи, итн. итн. Доста! Лагите се акумулирале во толкав број што веќе лага со лага почна да се залажува.

Јас, лично, чувствувам дека немам веќе потреба да пишувам, дека е доста од работа врз хроники или дневници, бидејќи нема што повеќе да се очекува од оваа цивилизација. Се знае каде води сето она што го има постигнато, како парламентарна демократија, пазарно стопанство и наводна цивилизираност. Води кон создавање на посебен вид на човек, оттуѓен од другите, осакатен, корумпиран, експлоатиран, осуден на бесмислено живуркање и бесцелно повторување на деновите и неделите во својот работен век, воден од прелагата дека ќе најде мир еден ден во пензијата, кога всушност ќе му недостасуваат пари за исхрана.

Едноставно, за мене, оваа цивилзација веќе не значи ништо како вредност, независно што и да нè чека во вид на технички новитети, градби и чуда; за мене, во длабоката суштина на нештата, оваа цивилизација е засекогаш отфрлена.

Значи, немам веќе ниту што да пишувам. Ја нема веќе таа потреба во мене. Веќе чувствувам дека ќе следува еден период на пауза и дека можеби, низ него, ќе водам некој различен вид на дневник, некоја хроника на својот духовен развој и живот во-и-низ медитација.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to Top