Голем дел од младешките години на Стефан Сидовски се определени од неколку внатрешни конфликти. Покрај онаа меѓу желбата за осаменички живот и нужноста за вообичаен, Сидо често е растргнат и меѓу политиката и религијата или, поточно, меѓу, од една страна, определбата да дејствува доследно на своите убедувања и наспроти барањата на власта и, од друга, општествениот притисок да стане политички активен за да напредува во животот и кариерата. Следниов запис, подведен под датата 15 септември 1973 година (Дневник бр. 3, 189-191 стр.), е еден од многуте што ја истражуваа оваа карактерно-определувачка противречност:
Сето ова што ми се случува моментно – а, воедно, и сето тоа што ми се случувало во досегашниов живот (и мислам дека ќе биде така и во иднина, зашто некако се сомневам дека можам наполно да се променам) – е последица на еден внатрешен конфликт или, поточно кажано, на една темелна противречност за која одамна сум свесен и која веројатно ме следи од моето раѓање.
Пред сè, јас живеам наспроти текот и секогаш сум бил (и мислам дека и натаму ќе бидам) со противстав кон самото општество и државата. Тоа значи и со противстав кон идеологијата, кон политиката на системот што е на власт. Јас никако не можам да ја прифатам. Зошто? Затоа што, ако би ја прифатил, тоа би значело да го преиначам животот во согласност со таа идеологија, да живеам комунистички, во име на идеалот на комунизмот и, како што се вели, со комунистички морал. Ако веќе нешто се прифаќа како начин на живот, тогаш мора нужно тоа и да стане начин да живот, т.е. мора да се биде доследен во постапките и тие да ги одразуваат твоите идеи. Зашто ако некој прифати некаква идеологија а не се придржува до неа, тогаш тоа значи дека тој ја прифаќа само заради свои лични, себични интереси, т.е. само за да ја употреби во своја полза и за да може со неа да се снајде и успее во времето во кое живееме. Такви се повеќето луѓе денеска, а таквите луѓе (каков што би станал и јас ако ја прифатам комунистичка идеологија) имаат сосема шуплива совест, затапени морални чувства и илјада маски – доволно за да си го прекријат сопственото вистинско лице до непрепознатливост.
Јас не можам да ја прифатам комунистичката идеологија, бидејќи нејзините идеи ми звучат едновремено и горди и наивни, пред сè заради тоа што се поставуваат како решение на сите проблеми, а не се занимаваат со основните: Што е смртта? Кој е виновен за злото? Која е смислата на животот? Дали воопшто животот има смисла ако страдам, ако искусувам болки, маки и тага или само ако уживам во задоволства и добро здравје и ако сум среќен? И што ако сум среќен, а сепак, не ми се допаѓа мојата состојба? (Последново звучи како бладање на некој пациент во лудница, зашто е противречно: не може да бидеш среќен и тоа да не ти се допаѓа. Противречно е, нели?)
Противречноста за која зборував погоре се состои во ова: од една страна стои марксизмот како идеологија која никако не можам да ја прифатам, а од друга страна стои религијата и учењето на Исус Христос кое со сета душа сакам да го прифатам! И во оваа противречност се одредува сето мое мислење, сите мои чувства, сета моја волја и моето однесување.
Ете, тоа е мојата животна противречност, мојот внатрешен конфликт. И единствено тоа може да го објасни сиот мој живот.