„Мислам дека можат да забележат дека сум некако поинаков…“

Не е претерано да се каже дека професорот Стефан Сидовски беше искрено сакан од огромното мнозинство негови ученици. Но, овде-онде во неговите Дневници се наоѓа и по некој запис кој открива дека Сидо негувал почит меѓу помладите (па и меѓу своите речиси-врсници) и уште пред да ја почне својата учителска кариера. Ова е согледливо, на пример, во следниов извадок од 27 август 1973 година (Дневник бр. 3, 131-133 стр.) кој, покрај тоа што сведочи за вечната почит меѓу обострано препознаените маргиналци, документира и една од ретките надежни помисли на Сидо за иднината од тој период, пропратена веднаш и со амбивалентно пророштво; заради дискреција, имињата и прекарите се сведени на иницијали низ целиот препис:

…Она што ме воодушевува кај Н. е што мошне често размислува за низа проблеми кои мнозина денес ги одбегнуваат и мошне посветено трага по нешто што не може да се дефинира, осудувајќи го општото сивило во животот и сите конвенционалности во име на нешто возвишено, благородно, искрено, во име на нешто полно со смисла и доживување, во име – на крајот на краиштата – и на Бога!

Убавото е што тој не е исклучок! Истото сум го наоѓал и кај мнозина гимназијалци по матурирањето, како на пример кај М.Ч., Ј., Џ. или кај студентот од Горни Милановац што учи биологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје; сум го наоѓал, најпосле, истиот интерес и во себеси. Без да воопштувам, без да изведувам некој генерализиран суд за нештата, ми се чини дека младите генерации што сега завршуваат се незадоволни од стварноста и копнеат по живот кој не би бил извештачен од општествените притисоци, туку би бил искрен, благороден и слободен, спонтан во својата духовност и душевност, топол во отсуството на граници меѓу овој и оној (создадени од нешта како националност или раса) и во блискоста на различните чувства и мисли. Ете, за таков живот тежнеат овие матуранти, макар што тој копнеж не може ниту лесно да се одреди со зборови, ниту, пак, потемелно да се разложи.

Заради тоа јас наоѓам сличност со нив, а и чувствувам – без да си давам комплимент на себеси – дека и тие сакаат да бидат во мое друштво. Мислам дека можат да забележат дека сум некако поинаков, дека не сум обичен; па, оттука и сфаќаат дека ги делиме истите проблеми и во тоа наоѓаат некоја блискост со мене. Она што ми влева малку надеж – макар што истото нема никаква основа (па, сепак, ќе го запишам како некое пророштво) – е што младите генерации кои доаѓаат носат во себе нешто длабоко, нешто што не може лесно да се дефинира и нешто со помош на кое би можеле да извршат мошне големо влијание врз светот, видоизменувајќи го на подобро. Но, тоа нешто, токму поради својата недефинираност и новост, е тешко да се задржи, па на младите ќе им треба многу енергија да истрајат во своите напори, да ги пренесат сопствените стремежи во иднината чисти и недопрени и да ги претворат во реалност. А тоа е најголемата опоеност на секој млад човек.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to Top