Размисли на Сидо за Толстој

Размисли на младиот Сидо (27 години) за три дела на Толстој (30 јуни 1973 година, Дневник бр. 2, стр. 177-8):

Цел ден останав дома. […] Се оддадов на читање на Војна и мир од Л. Н. Толстој која треба за кратко да ја завршам. Ова ми причинува огромно задоволство зашто сè повеќе ми открива разни животни сознанија. Па, сепак, сè некако ми се чини дека Толстој пишува премногу полемично и премногу „философски“ ги изнесува нештата (особено кога зборува за историчарите). Тоа ме наведува да кажам дека Ана Каренина е подобро книжевно дело од Војна и мир, и покрај епската ширина и грандиозноста на второво. Понекогаш ми се чини дека Севастополските раскази се, всушност, Толстоевото ремек-дело за војната, бидејќи најпластично ја опишуваат суштината на самата војна, нејзината стравотност и бесмисленост. Наспроти тоа, во Војна и Мир, Толстој се обидува да ја опфати целата историја за да посочи дека наместо Наполеон и Александар, вистински двигатели се народните маси. Заради тоа често полемизира со историчарите кои имаат навика сè да му припишат на Наполеон и на неговата генијалност како војсководител и стратег. Толстој покажува дека Наполеон не е ништо особено и дека судбината зависи многу повеќе од илјадните народни маси, од волјата на луѓето.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Back to Top