Сценарио за „Еден ден од дневникот на …“

Според дневничките записи на Стефан Сидовски (в. Дневник бр. 2, стр. 167-8), Еден ден од дневникот на… е снимен според долунаведеното сценарио на 24 јуни 1973 година. Наредната година, филмот добива Златна плакета за игран филм на Сојузниот фестивал во Нови Сад. Во отсуство на снимка, техничките спецификации ги преземаме од страницата на Кинотеката на Македонија: колор, нормал 8 мм, 12 минути. Улогите на момчето и сестрата во филмот ги играле Апостол Кипровски и Ристена Пановска кои, како што се гледа од сценариото, се наведени и како негови коавтори, веројатно од причините забележани и во релевантниот дневнички запис. Сценариото е препишано според она достапно во единствената тетратка со ракописни записи од овој вид што ја најдовме во домот на Сидо (Сценарија за аматерски филм, стр. 80-83).


ШПИЦИ

I
Кино-клуб
Камера 300
Скопје

II
Еден ден
од
Дневникот
на
…..

III
Автор:
Стефан Сидовски

Коавтори:
Апостол Кипровски
Ристена Пановска

ДЕЈСТВО

1.

Во креветот сè уште спие момчето. Полека се рассонува. Се подигнува, се растегнува и пак си легнува, само што се разоткрива, оставајќи го јорганот настрана. Лежи и гледа кон таванот, како да се вдлабочил со своите мисли во нешта. Ги крши прстите, станува мрзоволно, ги облекува панталоните и ја зема кошулата во раце. Излегува од собата.

2.

Лицето наквасено со вода. Со пешкирот во раце го брише лицето, влегувајќи во собата. Се избришува, го остава пешкирот на креветот. Го зема чајникот од електричниот шпорет, сипува чај во шолјата, става две-три мали лажички шеќер, истиснува сок од парче лимон и промешува со лажичето. Зема парче леб и сирење и појадува. Откако завршува со појадокот, остава сè што е на столот, станува, запалува цигара, ја облекува кошулата и излегува.

3.

Ја отвора надворешната врата, излегува и заминува.

4.

Во магазинот, којшто е полн со најразновидни стоки, тројца работници носат пакети. Меѓу нив е и момчето. Отстрана е шефот кој ја запишува примената стока во евидентната книга. Тројцава што носат, носејќи си дофрлуваат меѓу себе:

– Ко нема у глави, има у ногама.
– Носи воле, кад немаш школе.
– Ко не ради, нема хлеба!
– Нема живот без работа!

5.

Момчето влегува од кујната во собата. Ја соблекува кошулата и ги зема пешкирот и сапунот. Излегува од собата и оди да се мие.  Во собата влегува сестра му. Му го поставува ручекот на масата. Оди кон креденецот, па го зема лебот. Во собата се враќа момчето. Си го брише лицето со пешкирот. Сестрата пресекува неколку парчиња леб и ги става на масата. Момчето седнува на креветот и почнува да руча, а сестрата зема од креденецот Чик или Адам и Ева, легнува на креветот и почнува да чита. Момчето руча, но некако незадоволно. Сестрата станува и од кошулата на братот ги зема цигарите. Запалува една и си ја пуши, лежејќи ичитајќи. Незадоволството на момчето продолжува да расте. Јаде, но јаде мрзоволно. Така и го зема парчето леб и сирењето. Гледа кон сестра си, зема цигара и ја запалува. Сè уште гледајќи во неа, си ја зема кошулата и излегува од собата. Сестрата пуши и чита.

6.

Момчето седи со скрстени нозе на една височинка. Во заден план се гледа градот: високи кули, згради, улици, автомобили, минувачи… Момчето седи со грб кон камерата и пуши цигара. Потоа се свртува кон камерата со лицето, и натаму седејќи со скрстени нозе. Гледа кон камерата, но погледот му е далеку, мошне далеку.

7.

Момчето стои пред излог на чевли. Стои со грб кон камерата. Излегува од кадарот.

8.

Стои пред излог на облека. Стои со грб кон камерата. Излегува од кадарот.

9.

Стои пред излогот на една галерија во која има изложба: скулптури од разновиден материја и во разни облици. Разни фигури и варијации на збиени форми на нештата и предметите. Стои со грб кон камерата. Излегува од кадарот.

10.

Стои пред излогот на киното: плакати и слики од некој филм. Стои со грб кон камерата. Излегува од кадарот.

11.

Стои пред паноа со изложени плакати за концерти, приредби, шоуа… Стои со грб кон камерата. Излегува од кадарот.

12.

Стои пред слаткарница, свртен со грб кон камерата. Влегува внатре. Излегува со сладолед во рацете. Стои со лице пред камерата и мошне задоволно си го лиже сладоледот.

13.

Момчето си лежи на креветот. Започнува да го прелистува весникот. Почнува од последната страница, од огласите и конкурсите. И како што се движи кон првата страница, така е сè помалку заинтересиран. Кога доаѓа до десеттата страница на врвот на која пишува „Политика“, само бегло погледнува кон насловот. Го остава весникот на масата, ја згаснува сијаличката и се покрива со страница од весникот на која јасно се гледа датата: 6-ти јуни.

1.

Момчето спие во креветот. Се рассонува, разбудува. Се подигнува и пак си легнува. Гледа кон таванот, станува мрзоволно и ги облекува панталоните и кошулата.

2.

Излегува низ надворешната врата од својот дом и заминува во познат правец.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Back to Top