За непрактичноста на осаменичкиот живот

Голем дел од раните текстови на Сидо ја документираат неговата растргнатост меѓу она што тој го смета за единствените два начини да се одживее животот: вообичаено (во согласност со традицијата и очекувањата) и осаменички (наспроти текот и настрана од другите). Еден ран запис од неговите Дневници (бр. 1, 94-103 стр.) нуди едно од многуте интересни сведоштво за овие дилеми (25 април 1973):

Дневник #1 (1973-04-16 - 1973-05-13), 94 стр.
Факсимил од првата страница од овој запис

По малку започнав да се сомневам во сопствената способност да живеам осаменички и да го остварам таквиот начин на постоење кого го сметав за единствен валиден да ја остварам целта – да најдам одговори на вистинските прашања, што, во основа, би значело и да тргнам во потрага по Бога. Постои ли тој или не постои? Се може ли без него или не се може? Согласно на ова, што следува од првата, а што од втората поставка?

Осаменичкиот живот го замислував – а така и го конципирав во една своевидна програма – како живот одживеан настрана од другите, во самотија, во самозависност, без жена и без деца, без членство во какви и да е клубови и организациии. Верував дека само кога би живеел така, би можел наполно да се посветам на својата цел. Но при ваквите замисли не ги земав предвид многуте општествени ограничувања и фактот што сум неизбежно зависен економски и правно од заедницата; а и тоа што овие препреки сериозно стојат меѓу мене и можноста да ја остварам целта за осаменички живот.

Пред сè, јас живеам со своите родители и сè уште економски зависам од нив. Треба да бидам само благодарен за ова и за сè што тие направиле за мене. Дури и можам да речам дека нема причина зошто да не се живее со нив, и покрај тоа што тие на многу начини ми одмогнуваат во остварувањето на моите замисли. Сосема друг проблем е тоа што јас не знам како да ја исползувам нивната грижа, трпеливост и љубов кон мене.

Ако веќе размислувам да трагам по некои одговори и да живеам осаменички, тогаш би требало да се разделам од моите родители. А тоа не можам да го направам зашто сум сè уште економски зависен од нив. Едновремено, не гледам никаква смисла во тоа да ги напуштам кога и онака не сум способен стриктно да се придржувам до барањата на самотијата.

Осаменичкиот живот, во вистинската смисла на зборот, единствено би можел да го остварам кога би се преселил во некој манастир во планина, како што некогаш планирав и целев. Тогаш мислев дека единствено во манастир, живеејќи аскетски и ниеднаш не напуштајќи ја неговата околина, би можел да ја остварам својата цел. Можеби такво нешто изгледа анахроно и идеалистично за повеќето, па и глупаво, бесмислено и лудо за многумина. Па, сепак, јас не отстапив од оваа идеја заради нејзината природа, туку заради тоа што е непрактична, заради тоа што општествените закони бараат од секого некаков удел и вршење на правно санкционирани должности во заедницата. Покрај тоа, и самиот манастирски живот бара придржување до некаков ред, а тоа би претставувало само поинаков начин на ограничување на мојата слобода. Конечно, денес манастирите се запуштени, па дури и напуштени од луѓето. Оттука, иако тие се единствениот излез и идеална опција за живеење осаменички живот, ми се чинеше подобро да отстапам од идејата да се осамувам на овој начин.

Понатаму, со самото тоа што ќе морам да работам за да остварам економска самостојност, јас немам избор освен да отстапам од осаменичкиот живот. Бидејќи секоја работа и секој вид на живот во заедницата бараат од единката некаков влог и вршење на некои должности, сите тие пречат во остварувањето на осаменичкиот живот и неговата цел. Ова е неминовна пречка и тука човек не може ништо да направи освен, како што се вели, да се помири со „судбината“. Оттука произлегуваат и сите останати пречки исправени пред осаменичкиот живот: живеењето со соседите, средбите со малку и повеќе познатите, со пријателите, роднините, со девојките и жените што ги познаваш и ќе ги запознаваш – а сите тие неизбежно придонесуваат кон создавањето на оној вид односи што го дефинираат вообичаениот живот: денес си добар, а утре си лош (кон него или кон неа); денес ќе го излажеш оваа или оној, а утре на истата личност ќе ѝ зборуваш толку искрено; денес ќе им помогнеш нему или нејзе, утре ќе им напакостиш на истите луѓе. Сето ова е доволно за да се обесмисли и негира идејата што стои зад осаменичкиот живот.

Токму заради овие и вакви пречки ми се чини невозможно да го живеам оној осаменички живот што го сметав како единствен пат кон мојата цел. Затоа, сè што можам е со каење да заклучам дека осаменичкиот живот ќе ми остане неостварен и недосонуван сон кој никогаш нема да можам да го одживеам во реалноста.

Како последица на ова, се наоѓам на крстопат на неизвесност во својот живот, во состојба на незнаење што треба да правам понатаму. Сè уште сум свесен за целта: мојата професија е професор по философија, па, на некој начин, сум се предодрил да се движам во истата насока во која требаше да ме води осаменичкиот живот како идеален пат. Па, така, вршејќи ја својата професија ќе трагам по одговори на истите оние прашања кои ќе ги разгледувам и во своето слободно време, трудејќи се да најдам начин како да живеам скромен и умерен живот што ќе ми дозволи да размислувам лично за себеси. Што значи сето тоа?

• Скромно. Кога веќе живеам во општество, кога веќе сум економски зависен од него (а со тоа и обврзан кон самата заедница со низа правно санкционирани закони) и кога веќе морам да живеам, во голема мера, вообичаено (дали на работа, дали во околината, во друштво со познатите, родителите, пријателите и другарите), тогаш да не барам нешто особено многу од животот (уреди, апарати, возила и слично), туку само она што може да го направи мојот живот сосема едноставен и удобен за скромно постоење.

• Умерено. Кога веќе се живее вообичаениот живот и кога таквиот живот диктира да бидеш камелеонски тип на човек, тогаш не треба да се гаат амбиции за постигнување на некоја афирмација или остварување на некоја цел на општествено-политички, културен или каков било друг план ниту, пак, да се има спротивната цел; кон сето тоа не треба да се однесува човек ниту одбивно (со спротивставувања и напаѓање) ниту со прифаќање, туку со еден став на незнаење и благонаклона симпатија и сомилост. Така треба човек да се однесува и кон другите луѓе. Тоа значи да живееш умерено.

• Мислење лично за себеси. Како цел на скромниот и умерен живот ќе биде, покрај беспрекорното извршување на мојата професија, да размислувам на оние прашања што ме мачат лично за себеси. Тоа значи мислењата што ќе ги имам за одредени нешта и сознанијата до кои ќе дојдам да не ги вплеткувам во мојата професија, ниту, пак, да ги наметнувам во разговор со другите. Напротив, да ги чувам за себеси.

Единствено овој начин на живот го сметам за валиден во оваа општество, кога веќе е невозможен осаменичкиот живот и кога веќе морам да живеам вообичаено.

*   *   *

Во 17h во кино-клубот започна Годишното собрание на кое требаше да се избере нова управа. Пред тоа се водеше дискусија околу донесениот годишен извештај за активностите на кино-клубот и финансово-материјалното делување. Дискусијата, како што секогаш се случува во вакви околности, беше детинеста и воопшто не доликуваше на сериозни луѓе. Се судрија лични интереси, суети и вообразености. Одбив да бидам член на управниот одбор.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Back to Top