За неуспехот да се запише на Филмската академија во Белград

Краток запис од Дневниците (бр. 1, 50-51 стр.) за причините околу неуспехот на Сидо да се запише на Белградската филмска академија (19 април 1973):

Некако чувстувувам дека сум дошол до сознанието за причините околу неуспехот што го доживеав во Белград, есента 1970-та година, кога конкурирав на Академијата за театар, филм, телевизија и радио, на групата филмска режија; сè некако ми се чини дека неуспехот се должеше на тоа што самиот имав страв од успех, од можноста да бидам примен. Мошне парадоксално и неверојатно – но, во суштина, така е!

Ако бев примен на Академијата, не ќе имав можност да ја проучувам историјата на философијата, нешто за што сè уште имам голема желба. Токму тој страв доведе до она кочење што ми се случи кога одговарав пред комисијата, кога го бранев својот филм; тој страв беше причината и за општата омалаксаност, отсуството на елан, жар, страст. Како последица на ова, настана недоразбирање со професорот Александар Петровиќ, што беше и доволно за да не бидам примен.

Неуспехот цело време лежел во мене, во мојата колебливост и неодлучност да стојам зад сопствените одлуки. Дури сега сфаќам дека тоа е причината за мојот неуспех! Чудесно е колку малку се познавам себеси! Чудесно е и колку од нештата што ми се случуваат – а од кои бегам – се последица на отсуството на ова самоспознание.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Back to Top