Предговор кон Дневниците

Како и многу други нешта, и Дневниците на Стефан Сидовски се пишувани со однапред дефиниран план. Оттука, предговорот кон нив е напишан цела седмица пред да е заведен првиот запис. Во него Сидо ја открива не само својата цел зошто го почнува Дневникот, туку и желбата на него да се наврати во староста, непосредно пред смртта, за да открие дали неговиот живот имал смисла. Не знаеме дали го направил првото; но на планираното веројатно можеме да одговориме и со поголема веродостојност од поставувачот. Во продолжение следува благо уреден препис на овој предговор. Од: Дневник бр. 1, стр. 1-4 (9 април 1973).

Пишувањето на Дневников не треба да се сфати како нешто повеќе од брусење на огледало преку кое ќе може да се расчитува мојот живот. Но, она што веројатно ме присилува да почнам да го пишувам е нешто друго: тоа што низ мојот досегашен живот сум забележал дека, независно од моите замисли, мојата сегашност, на многу начини и немалку, ми е одредена од моето минато; па, не смеам да имам никаква илузија дека моето минато нема длабоко влијание врз она што си го замислувам како посакувана иднина. И бидејќи иднината си ја поставуваме пред нас како план во сегашноста – односно, си ја поставуваме како цел што сакаме да ја постигнеме (а со тоа веруваме и дека сме ја насочиле сета активност во нашиот живот да се стреми кон таквиот исход) – самото прибележување на она што се случува со мене во сегашноста (која постојано се менува) ќе ми овозможи, по многу години, кога таа сегашност ќе стане минато, да направам споредба меѓу тоа што сум станал и тоа што сум бил и, како низ огледало, да видам на што сум се надевал и што од тоа се обвистинило, да го видам целиот свој живот со сите негови заблуди, молби, цели и остварености.

Ете, токму ваквата потреба ме наведува да го пишувам Дневников. Во тоа можеби има и некоја наивна, детска љубопитност и желба да се навратиш на проживеаното (особено на крајот, во староста, кога веќе ќе се приближува часот на смртта) за да можеш од таа перспектива да процениш и да видиш: има ли самиов живот некоја смисла? Има ли некое оправдување на сето она што ќе се претрпи и доживее низ него? Секако дека ваквата љубопитност не ќе може да биде задоволена во сегашноста, само низ одговорите заведени низ Дневников, ами кога сегашноста ќе стане минато, кога ќе може да се согледа од некоја точка она што се провлекувало низ целиот живот. А токму тоа – за кое не знаеме што е во моментов – ќе претставува најважното сознание што ќе може да ми го даде самиов Дневник.

Појдувајќи од реченово, како основна цел на мојот Дневник ќе си ја поставам следнава: да си ги прибележувам сите доживувања, мисли и расположенија што ми се јавиле во текот на секој ден. Тие, пак, главно ќе ми бидат одредени од овие три нешта:

      • желбата да се запознаам со сите појави во светот и општеството во кое живеам преку јавните средства, гласила и медиуми;
      • непосредното доживување на појавите од животот во околината во која се наоѓам и го искусувам;
      • непосредното доживување на другите луѓе преку средбите со нив; нивниот начин на мислење, искусување и живеење; со еден збор речено, нивната животна судбина.

Ќе пишувам секојдневно, на крајот на денот, односно навечер, пред да си легнам да спијам. Кога ќе пишувам, најнапред ќе ги наведам на десната страна градот, денот, месецот и годината. Пишувањето (начинот на пишувањето) ќе биде концизно – т.е. без многу да се наведуваат поединости – и несуштинско.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to Top