Владимир Јанковски, „Симбол на интензивен културен живот…“

Стефан Сидовски како ретко кој беше посетител на голем број разновидни културни настани. Симбол на едно интензивно културно живеење на Скопје од средината на деведесеттите години од минатиот и првите неколку години од овој век. Ненаметлив, критичен без трошка злонамерност во она што го кажува, полн со емпатија и луцидност кон опкружувањето.


(Фејсбук статус на авторот; преземенo од okno.mk.)

Никола Стиков, „За Сидо, со ’c‘ co cè“

Помен-текст за Стефан Сидовски на Никола Стиков, професор по биомедицински инженеринг на Политехничката школа при Универзитетот во Монтреал и своевремен прекуокеански кореспондент на Сидо.

Стојан Синадинов, „Збогум професоре! In memoriam: Стефан Сидовски – Сидо (1946-2019)“

In memoriam за Сидо на филмскиот критичар и долгогодишен познаник Стојан Синадинов (текстот е првпат објавен на 4 јули 2019 на официјалната страница на Кинотеката на Македонија).

Мариналеда, „Скопје“

Сидо често ја играше главната (па и единствена) улога во своите аматерски филмови. Едновремено, благодарение на беспрекорната репутација што ја уживаше меѓу своите поранешни ученици, како и на неговиот култен статус во скопските културно-интелектуални кругови, Сидо повремено беше ангажиран и како актер во неколку драмски претстави, а и филмови од аматерска и професионална природа. Но, колку што засега знаеме, подолу е неговата единствена главна улога во музички спот – и тоа во оној за песната „Скопје“ на македонскиот бенд Мариналеда, составен од Марко Новески (гитара и вокал), Владо Крстевски (тапани) и Благоја Камчевски (бас-гитара). Спотот е во режија и по сценарио на Милан Блажевски и Давид Дољаница, кои се јавуваат и како сет-дизајнери. Кинематограф е Иво Иванов, Максим Патрик е асистент на камера, а монтажер и пост-продуцент Борис Таковски.  Првпат е објавен на YouTube на 14-ти јули 2017-та година, од каде и е линкуван подолу:

Лазар Фотев, „Се почувствував слободен…“

Имаше 27 години, а јас имав 17 и веднаш на самиот почеток од неговата професорска кариера се спријателивме. Првиот час кога дојде рече: ’Кој сака да слуша може да остане, кој не сака може слободно да излезе надвор без проблем‘ што во тоа време беше незамисливо. Всушност, ми остави голем впечаток и јас му пријдов за да му побарам книга што би ја читал, а тој ми го даде делото ’Етика‘ од Спиноза. Тоа беше една од најважните случки во мојот живот, бидејки беше водилка на целото мое понатамошно живеење… Еден ден, не се сеќавам за точно кој предмет, но тој ден не бев подготвен за час. Тогаш кога се бегаше, се бегаше цел ден, едноставно ’киднуваш‘ од училиште. Но следниот ден се сретнавме на раскрсницата кај Црвениот крст и проф. Сидо ме прашува: ’Каде беше ти на час вчера?‘, а јас му одговорив: ’Избегав‘. Веројатно да бил некој друг професор да ме сретне и да ме праша, јас би се правдал дека сум се заглавил во лифт, дека имав температура или некои други одговори… меѓутоа кога тој ме запраша се почувствував слободен да ја кажам вистината и затоа кажав: „Избегав – точка!“


(преземено од текстот „Професорот од Корчагин“ од idividi.mk)

Игор Иванов – Изи, „Извонреден професор…“

Стефан Сидовски-Сидо е најдобрата причина поради која јас продолжив да се занимавам со филозофија и со филм. Низ годините постојано го среќавам и до ден денешен, после децении како што би се рекло, сѐ уште зборуваме на тие две теми, филозофија, филм и малку политика. Тој беше извонреден професор, не знам дали во Македонија се случило такво нешто и тешко, велам – дај Боже, но тешко дека скоро ќе се повтори. Затоа што, она што го зборуваше и она што го живееше беа во една синергија… Кога ќе се присетам на предавањата, се сеќавам на еден момент кога државата, т.е. Секретаријат за образование во тоа време, донесе одлука за да го исфрли од училиштето и да му го прекине работниот однос, затоа што држи предавања што се косат со воспоставените принципи и програма, што не беше точно. Неговите предавања беа ултра-прогресивни, но тие кратки умови не можеа да разберат во тоа време и се сеќавам дека целата генерација на деца станаа и го одбранија.


(преземено од текстот „Професорот од Корчагин“ од idividi.mk)

Сидо: филм за човек кој живее за филм, испитен филм на Тамара Котевска

Испитен филм по предметот „Филмска и ТВ режија“ на Тамара Котевска, подоцна режисерка на наградуваниот Медена земја, работен под менторство на Антонио Митриќески. За искуството на Тамара при снимањето на краткиот документарец, можете да прочитате повеќе овде.

Александар Трајковски, „Светот е црно-бел!“

Рецензија на Александар Трајковски на единствениот професионален филм на Стефан Сидовски, Образ („Светот е црно-бел“, Кинопис 41/42(22-23), стр. 53-55 (2011-2012)). Текстот го преобјавуваме со дозвола на издавачот и на авторот, на кои им изразуваме искрена и голема благодарност.

Сцена од Превртено на Игор Иванов – Изи

Сидо во улогата на Говорникот (од владејачката Партија на националниот дух) во играниот филм Превртено на режисерот Игор Иванов – Изи од 2007 година, со Сања Трајковиќ, Милан Тоциновски, Славиша Кајевски и Јордан Симонов во главните улоги. Во сцената се јавува уште и Лабина Митевска (Жената во бело).

Back to Top