Категорија: Поезија (1966-2019) (тетратки)
Како што прибележува во отпосле напишаниот предговор кон својата најрана збирка песни (а и неколку пати низ Дневникот), Сидо изгледа често гледал на својот креативен напор како на начин да се соочи со самиот себеси – но не и како нешто повеќе од тоа. Барем досега, немаме најдено ниту еден запис што противречи на општоприфатениот впечаток дека Сидо долго и доживотно ја сметаше уметноста за врвен израз на духовното спознание, верувајќи дека само низ неа може да се реализира апсолутната слобода; последователно, не е ни чудно што своите први поетски и сценариски записи ги опишува, ретроспективно, како мигови на „духовно будење или раѓање.“ Оттогаш, па сè до крајот на животот, Сидо постојано творел и уживал да твори, претпочитајќи го чинот на креација пред философирањето и рационализациите. Па, сепак, иако потајно копнеел да стане добар уметник и режисер (во еден наврат има речено дека негово најголемо каење е неуспехот да влезе на Белградската филмска академија), изгледа бил свесен за сопствените ограничености на кои тој повремено се осврнува во Дневниците со зборови како „невештост“ или „незнаење“. Можеби токму како последица на ова размислување, и покрај огромниот број напишани песни (сместени во дури 28 тетратки и бележници и распослани на преку 2.000 страници), споделил или малку или речиси ништо од нив со другите луѓе. Како и во случајот со сценаријата, и меѓу песните има тетратки-компилации на претходни записи, особено меѓу оние подоцна датираните (в. Песни бр. 25 и Песни бр. 27); многу од песните се јавуваат во неколку верзии, обично една после друга. Конечно, речиси сите се датирани, темпорализирани и локализирани, што ни дава увид во креативниот процес кој претходел на нивното создавање: со исклучок на една песна („За ()“, напишана на српскохрватски), сите други се пишувани набрзина и по краткотраен проблик на инспирација, најчесто во неговиот дом, во градскиот парк или на Водно. Овде можете да најдете редактирани преписи на некои од песните.