Животопис

I

Стефан Сидовски, портрет (© Фотографија на Сашо Алушевски)
Фотографија на Сидо направена од Сашо Алушевски на 17 јуни 2014 година (преземена од Викимедија)

Половина од седумдесет и двете години што наречниците му ги одредиле при раѓањето на 3 октомври 1946 година, Стефан Сидовски ги мина како професор во гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“ – прво по социологија и логика, потоа по марксизам и самоуправување а на крајот и по философија. Токму како педагог (или, уште подобро, како психагог) беше и најпочитуван за време на својот живот: многу научници и уметници и генерации бунтовници и слободоумници, по нивни лични сведоштва, му должат на Сидо неколку скалила од својот духовен раст и барем две-три подизбрусени леќи од својот светоглед. И покрај неколкуте публикации и стотината аматерски филмови што ги остави зад себе, влијанието на Сидо отсекогаш беше и сè уште останува да биде влијание на некој залутан Сократ: ја претпочиташе устата пред перото, прашањата пред одговорите. Но, откако по неговата смрт во неговиот дом откривме триесетина илјади необјавени страници во ракопис, беше речиси невозможно да не станеме заговорници на некој таен платоновски подвиг: јавно дополнувајќи го интимниот животопис на Сидо, на наредните генерации да им оставиме поцелосно сведоштво за неговата исклучителност.

Биографските податоци со кои моментно располагаме не се ниту многу ниту, пак, од езотерична природа. По завршувањето на основното и гимназиското образование во својот роден град Скопје, Сидо студира философија на Философскиот факултет во Скопје и естетика кај професорите Павао Вук-Павловиќ и Георги Старделов. Дипломира во учебната 1969/70 година со трудот Хегел: Феноменологија на духот – Апсолутно знаење.1 По неуспешниот обид да ја продолжи својата наобразба на Академијата за филм во Белград – за на тој начин да може поблиску да се занимава со својата втора љубов, филмот – во 1973 година, Сидо се вработува како професор по марксизам и самоуправување во гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин.“ Дотогаш е веќе наградуван режисер на аматерски филмови и активен член на кино-клубот „Камера 300“. До крајот на неговиот живот, и личниот и професионален ангажман на Стефан Сидовски ќе се движи на релацијата философија-филм.

Во текот на деведесетите, станува првиот човек во историјата на Македонија кој академски го истражува пресекот на овие две сфери на човековиот креативно-умствен потенцијал, потфат што кулминира на 1 јули 1995 година, кога со успех ја одбранува својата магистерска теза Естетската суштина на филмскиот кадар на Философскиот факултет. Уште истата година – а по повод стогодишнината од проекцијата на Работниците ја напуштаат фабриката Лимие во Лион, често сметан за првиот филм во човековата историја – трудот на Сидо е преобјавен под насловот Филмскиот кадар и неговата естетска суштина од страна на Кинотеката на Македонија и издавачот Епоха, во рамки на краткотрајната и убава едиција Естетичка лабораторија. На тој начин, истиот станува не само првиот труд од областа на филмската теорија одбранет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, туку и првата монографија посветена на филмската уметност напишана од македонски автор отпечатена во тогаш новосоздадената земја. Шест години по магистрирањето, на 31 октомври 2001 година, пред комисија во состав Кирил Темков, Георги Старделов, Столе Попов, Виолета Панзова и Мирко Ѓошевски, Сидо успешно ја одбранува и својата докторска дисертација Естетиката и дијалектиката во монтажата на филмот2, која две години подоцна е преобјавена, под истиот наслов и во делумно редактирана верзија, од страна на издавачката куќа Аз-Буки.

По 36-годишен работен ангажман како средношколски професор во „Корчагин“, Сидо се пензионира на крајот на учебната 2008/2009 година. Веќе наредната година е избран за доцент по група предмети од областа на историјата и теоријата на филмот на Универзитет за аудиовизуелни уметности – ЕСРА,3 позиција на која ќе остане сè до својата ненадејна смрт на почетокот од летото 2019-та година.4 Во меѓувреме, ќе успее да го сними и својот единствен професионален филм, Образ (2011), а ќе се закити и со признанието „Мајстор на аматерскиот филм”, највисоката титула што ја доделува Кино-сојузот на Македонија. Три месеци по смртта на Сидо, на 25 септември 2019 година, беше поставена плочка со неговото име на едно од столчињата во киносалата на Кинотека на Република Македонија. Наредната година, во јуни, Филозофскиот Филмски Фестивал востанови специјално признание со неговото име во Официјалната селекција на краткометражни филмови.

 

II

Стефан Сидовски, ФФФ 2015, Прилеп (© фотографија на Александар Војнески)
Фотографија на Сидо направена од Александар Војнески на 21 мај 2015 година, во рамки на прилепскиот дел од Филозофскиот Филмски Фестивал (повеќе овде)

Сидо беше достоинствена и пристапна личност со интегритет и постојан интерес за самоподобрување. Напорно се трудеше да биде доследен во своите истражувања и животни експерименти – одлика необично туѓа на најголем дел од философите, не само зашто повеќето од нив ја потценуваат комплексноста и долготрајноста на меѓучовечките односи. Сидо никогаш не веруваше дека истите се сведливи на парадигма; последично, жртвата кај него најчесто не беа ставовите и меѓучовечките односи, туку текстот и философскиот систем. Затоа и беше така еклектичен мислител; но, затоа и беше почитуван и сакан од многумина. Се чини дури и богохулно да се посвети поголемо внимание на неговите записи отколку на неговиот живот: иронично, хагиографија за Сидо веројатно ќе даде подобар увид во неговиот светоглед отколку неговите лични записи. Човекот што се наоѓа во ракописите споделени на оваа страница не е Сидо; оној што ѕирка зад спомените и сведоштвата на неговите ученици и познаници е. Сидо беше редок вид: философ во пракса, не на хартија.

Пристапник на ничеовската идеја дека се проповеда единствено низ пример, беше и убеден дека мноштвото философи не само што никогаш не го правеле тоа, туку, напротив, живееле во антонимен однос со своите проповеди. Згрозен од ваквата реалност,5 најмногу време и внимание посветуваше на усогласување на двете во сопствениот живот. Исто како и Стобаевиот Сократ, сметаше дека она што го има запишано има помала вредност отколку хартијата на која би се објавило, па затоа и не објави многу во животот, речиси ништо. Она што другите би го сметале за завршен проект, тој очигледно го сметал само за краткотрајна етапа од некој бесконечен, самоцелен процес на интроспекција. Неговиот завршил на истото место каде што почнал: во сознанието дека е невозможно решение на големите философски проблеми без неискреност и дека, токму поради ова, не ни треба философија за да се соочиме со нив и бесмислата, туку нешто различно, нешто сосема друго – понизност, добродетел, уметност.

Во тој контекст, за него и не постоеше философија одвоена од философирањето, ниту философирање што не води до себенегација и секуларен агностицизам. Веруваше, како и раниот Витгенштајн, дека многу од таканаречените философски проблеми се врзани со природата на јазикот а не со онаа на човекот; и дека, последователно, философијата е самоперпетуирачка игра на поими играна од несовесни луѓе што се лажат себеси и, немарно или намерно, ги создаваат истите оние проблеми кои наводно треба да ги решат. Му се чинеше близок Хусерл и една анегдотарна варијација на најпознатиот диктум на Роза Луксембург што можеме, без особено претерување, да ја сметаме и за негова лична: „строга наука или варваризам“. Во којзнае колку наврати во подоцнежните години има речено дека ако некое философско истражување не содржи потенцијал во иднина да стане научен факт, тогаш воопшто и не треба да биде почнато; очигледно, истото сакал да го образложи и во предговорот кон неговото замислено „животно дело“.

Беше верен и непоколеблив приклоник на индивидуалната слобода и сировата искреност. Велеше дека некои грешки ги повторуваме и некои лекции никогаш не ги научуваме само заради тоа што философите одбираат да зборуваат убаво, наместо прецизно. Велеше и дека, ако по некоја случајност дармиските религии се во право и тој постхумно добие понуда одново да се роди на земјава, ќе побара да се врати како апсолутно слободен човек во заедница на апсолутно слободни луѓе. „Ако не постои таква можност,“ полушеговито додаваше, „тогаш ќе ја одбијам понудата: ’Не, благодарам,’ ќе речам, ’во тој случај, нема поента да се минува одново низ истото. Нема никаква поента…’“

 

БЕЛЕШКИ

  1. Естетиката и дијалектиката во монтажата на филмот (Скопје: Аз-Буки), 2003, стр. 259-260.
  2. Ibid., стр. 5.
  3. Реферат на рецензентската комисија во состав Јордан Пановски, Сашо Пановски и Горан Наумовски, приложен како аргумент за изборот на Сидо за професор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности – ЕСРА (оттогаш преминенуван во Интернационален универзитет Еуропа Прима) и подоцна објавен во Универзитетскиот билтен бр. 3.
  4. Иако официјално заведена на 4 јули, сосема е возможно смртта на Сидо да настапила барем неколку дена порано – не само заради тоа што неговиот последен запис е датиран со 25 јуни.
  5. Сидо знаеше и повремено раскажуваше (и на часовите, но повеќе надвор од нив) многу анегдоти и сцени од „тајните животи“ на философите, писателите и режисерите, непомирливи со нивните светогледи и животни начела. „Но, зошто дискрепанцата? И зошто доживотна? Зошто барем не се обиделе да се сменат?“ – имаше обичај, повеќе реторски отколку сериозно, понекогаш да праша. Низ ракописите споделени овде, причината станува и повеќе од јасна: истите прашања, често и посветено, си ги поставувал и на самиот себеси.
Back to Top